1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Трагедијата околу #Bluegirl

Јоша Вебер
13 септември 2019

Зошто мораше да се случи трагедија за фудбалскиот свет да прогледа? Младата Иранка Сахар Кодајари, која се самозапали, ја покажува и беспомошноста на ФИФА, смета Јоша Вебер.

https://p.dw.com/p/3PWmC
Iran: Iranische Frauen im Stadion
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Zareian

Сахар Кодајари за пораката која ѝ беше толку важна го даде највредното што го поседуваше - својот живот. На 1 септември 29-годишната Иранка се полеа со бензин пред Исламскиот револуционерен суд во Техеран и се самозапали. Требаше да оди в затвор затоа што посетувала фудбалски натпревар, што на жените во Иран сѐ уште не им е дозволено. Сахар Кодајари сакаше да остави белег, трагичен и тажен. Но, ултимативниот повик за помош долго време остана нечуен. Додека на социјалните мрежи луѓето покажуваа големи симпатии кон девојката која заради сината облека што ја носела на стадионот ја завикаа #Bluegirl, светскиот фудбалски сојуз молчеше. на ФИФА ѝ беа потребни девет дена за да излезе со реакција за чинот кој фрла темна сенка на фудбалот. ФИФА во вторникот испрати сочувство до семејството на Кодајари и до нејзините пријатели и ги повика иранските власти „да ја обезбедат слободата и безбедноста на сите жени кои учествуваат во легитимната борба за ставање крај на забраната за посета на стадиони од страна на жени". Зборови на место, но сепак - само зборови.

ФИФА се преправа дека ѝ се врзани рацете

Покрај одговорните во владата на Иран, во правосудните органи и фудбалскиот сојуз кои се држат до тотално недискутабилна, заостаната претстава за животот, со цврста поделба на улогите меѓу половите, во случајов се бламира и ФИФА. Членка на ФИФА активно поддржува половина од населението да не смее да гледа фудбалски натпревари и сојузот кој тежи милијарди се прави како да му се врзани рацете. Чуварите на светскиот фудбал упатија неколку апели во правец на Техеран, но очигледно немаат храброст за ништо повеќе. Притоа ФИФА во други наврати покажала дека може и побрзо да реагира, како на пример кога во изминатите години ги суспендираше фудбалскиот сојуз на Грција, Судан и на Сиера Леоне заради мешање на политика во фудбал, како и Пакистан поради конфискација на сопственост на фудбалскиот сојуз од страна на судски овластен службеник. Но, кога жени завршуваат во затвор заради посета на фудбалски натпревар, тоа е чин кој според ФИФА не вреди за санкции. Срамна претстава.

Weber Joscha Kommentarbild
Јоша Вебер

Стадион Сахар Кодајари?

Тоа што ФИФА во средата најави посета на делегација набљудувачи во Иран и тоа што иранските власти само за натпреварот против Камбоџа дозволија жени да го гледаат натпреварот на 10 октомври, може да го ставиме во категоријата „испуштање пареа од лонецот". Веќе 40 години во Иран важи забраната за посета на стадиони од страна на жени, која според тамошното толкување треба да ги заштити од изложеност на полуголи мажи и вулгарни изјави. На неколку натпревари жените смееја да посетуваат натпревари, во други случаи токму за тоа беа казнувани. Сега на ФИФА ѝ текна дека тоа било всушност многу дискриминирачки. Ако тоа треба да се смени, треба масивно да се врши спортско-политички притисок и санкции чии последици ќе се чувствуваат. Време е нешто да се смени на односот на ФИФА спрема Иран. Можеби тогаш еден ден во Иран некој стадион ќе биде крстен според вистинка хероина на домашниот фудбал: Сахар Кодајари.