Е-книгите се прескапи во Европа
8 декември 2011Во САД веќе подолго време тие се бестселери. Продажбата на електронските книги во САД само ланската година се зголеми за 160 проценти. Но, во Европа пазарот е се’ уште многу мал.
Европските потрошувачи, притоа, за е-книгите треба да платат многу висока цена, предупредуваат од антимонополската агенција на ЕУ. Оттаму завчера (06.12) отворија истрага против пет големи издавачки куќи и концернот „Епл“.
„Комисијата ќе отвори истрага за да утврди дали овие издавачи и Епл меѓусебно се договорале, или се обидувале да ја попречат конкуренцијата“, изјави портпаролката на Европската Комисија, Амелија Торес.
Сомнежите се дека американскиот „Епл“ и големите издавачи, како британскиот „Пингвин“ и германскиот „Холцбринк“, го оневозможиле конкурентот Амазон да продава е-книги по пониски цени.
Доколку ваквите сомнежи се потврдат во текот на истрагата, осомничените ќе треба да платат големи парични казни.
Автор: Ариане Мор/Борис Георгиевски
Редактор: Е.Милошевска Фиданоска