1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ-ЦЕТА: Валонија како Астерикс против Европа

Барбара Везел
21 октомври 2016

ЕУ на денешниот самит бара излез од блокадата на договорот ЦЕТА. Валонија го блокира договорот, тврдејќи дека не се исполнети сите нејзини барања. Брисел губи трпение.

https://p.dw.com/p/2RVhu
Belgien Wallonisches Wappentier Hahn QUERFORMAT
Фотографија: DW/B. Wesel

Седиштето на владата во главното гратче на Валонија се вика „Елисет“, што значи мала Елисејска палата. Грандиозно претерување, со оглед на тоа што Намур не е метропола. Па сепак, валонскиот петел е силно размавтан со крилјата, а неговото кукуриркање се слуша ширум Европа. На денот на одлучувачката средба на самитот на ЕУ во Брисел, белгискиот регион и натаму го блокира договорот за слободна трговија со Канада - ЦЕТА. Нервозата во Брисел се зголемува.

27,5 земји на ЕУ, кон кои се вбројува и белгиската провинција Фландрија, во меѓувреме дадоа согласност за ЦЕТА. Дали сега Валонија се чувствува како Астерикс против Римјаните? „Жал ми е што нашиот регион е релативно мал, но Вапонија сепак е поголема од седум други земји членки на ЕУ“, нагласува валонскиот премиер Пол Мањет во интервју за ДВ. Младиот премиер се чини ужива во актуелниот момент и вниманието кое го привлекува на меѓународна сцена: „Овој договор ќе важи за 500 милиони Европејци и 35 милиони Канаѓани долг период. Тој треба да биде модел за натамошни договори кои ЕУ сака да ги склучи во наше име. Затоа е подобро да си оставиме време. На крајот тоа ќе биде многу добар договор.“

Но, зошто толку драма на последните метри од патеката на еден договор за кој се преговара седум години? Мањет вели дека не е негова вина - тој уште минатата година ја информирал Европската комисија за своите забелешки. „Но, таа разговараше со мене дури на 5 октомври. Ако почневме порано, сега немаше да бидеме под притисок.“

Него не го интересираат никакви ултиматуми. Ако самитот ЕУ-Канада наредната недела не се одржи токму поради него, тогаш нека пропадне.

Валонскиот премиер не исклучува можност за договор во последна секунда. „Топката денеска е навистина кај ЕК. Вчера ѝ ги објаснив нашите проблеми колку што е можно појасно. Веќе разговарав и со Канаѓаните, кои беа многу отворени. Во наредните часови очекувам документ и врз основа на тоа ќе донесеме одлука.“

Не велат сите Валонци „не“

ЦЕТА, се чини, е главна тема во регионот. Секој во Намур има мислење: „ТТИП и ЦЕТА, сѐ е тоа исто“, вели млада жена која е противник на глобализацијата. Нејзина постара сограѓанка има ист став: „Јас сум за регионите, светската трговија не е исправна насока.“ Слично размислува и момче кое купува: „Тие таму (преку океанот, н.з.) си симаат свои норми за етика и екологија, тоа за нас не е добро, затоа што ги спушта нашите стандарди.“

CETA Abstimmung in Belgien
Не се сите против ЦЕТАФотографија: DW/D. Pundy

Но, не се сите поддржувачи на блокадата. Марино оценува: „Сметам дека не е демократски еден мал регион како Валонија да ја кочи цела Европа. На што личи тоа? Што ќе мислат за нас Франција, Германија, или Велика Британија?“ Жител на Намур кој е во прошетка со своето куче, има забелешки за демократијата: „Малиот граѓанин овде нема што да каже. Ние само чекаме што ќе рече владата. А, всушност, ние сме 'за' договорот.“

CETA Abstimmung in Belgien
Мишел не ѐ верува на ЕКФотографија: DW/D. Pundy

Пчеларот Жак Мар на неделниот пазар во Намур вели дека ЦЕТА не го допира: „Јас сум толку ситен земјоделец, што тоа мене не ме допира. Но, моите соседи со поголеми фарми се против.“

На 15-тина минути возење од Намур се наоѓа селото Буж. Мишел има фарма како од сликовница: „Мислам дека слободната трговија не е добра за селаните, туку за големите претпријатија. Валонија е можеби сега изолирана во Европа, но ние имаме добри причини.“

Ниту тој ниту здруженијата на селаните не веруваат во гаранциите на ЕК дека ќе бидат задржани европските стандарди и социјалните и еколошките норми. И, ако неговата влада вели до крај „не“, тогаш тоа за селанецот Мишел е во ред.