ЕУ стравува од „лудата“ Италија
30 септември 2013Големата коалиција на конзервативците и социјалдемократите во Италија издржа едвај пет месеци. Откако во февруари, гласачите на ниту еден табор не му дадоа мнозинство, беше формирана непопуларната коалиција на левицата и партијата на експремиерот Силвио Берлускони. Премиерот Енрико Лета во април започна, речиси, невозможна мисија: да и’ обезбеди на Италија стабилна влада и да ја изведе земјата од големата економска криза.
Сега владата е пред пад, пред сѐ поради себичното и неодговорно однесување на Берлускони. Иако беше осуден за затајување данок, тој се „залепи“ за своето место во Сенатот и ја уценуваше владата користејќи ја притоа својата послушна партија, која ја води како приватна фирма. Берлускони, кој во неделата наполни 77 години, ги повлече своите министри од владата, бидејќи Сенатот сака да ја спроведе правосилната одлука против него. Тој тоа го стори без размислување, и покрај последиците за Италија, а можеби и за цела Европа. Или сепак полудел, како што сметаат многумина, вклучително и премиерот Лета и шефот на здружението на италијанските стопанственици?
Хаос во Рим
И додека Берлускони се пазари, зад сцената на политичкиот театар во Рим, од самиот почеток на големата коалиција, практично беше јасно дека економската и фискалната политика на левицата и десницата не се поклопуваат. Сѐ поизвесно е дека нема да дојде до планираното зголемување на данокот и новиот даночен систем. Иницијативите против невработеноста се ретки.
Последниве години, финансиските пазари ја оставаа Италија намира. Европската централна банка купуваше италијански обврзници и гарантираше натамошна интервенција. Но, од минатата недела повторно расте цената на задолжувањето на Италија. Доколку во Италија тргне на лошо ќе страда и остатокот од Јужна Европа, а кризата може да ја зафати и целата еврозона. Во Брисел се беспомошни. Поради тоа, европските лидери последниве денови со сите сили се обидуваа да спречат нова владина криза во Италија. Но, предоцна. Новите избори веќе се на повидок, а дотогаш претседателот Наполитано најверојатно ќе инсталира технократска влада.
Во Италија постојат три непомирливи табори: социјалистите, следбениците на конзервативната партија на Берлускони и симпатизерите на Бепе Грило. Последниот е и најголема непознаница. Тој досега говореше дека италијанскиот систем самиот себеси ќе се задуши, пред да се роди нешто ново. Можеби е и во право. Но, Берлускони е посилен од она што се претпоставува надвор од Италија. Речиси една третина од избирачите гласаа за него, и покрај сите скандали. Политичкиот „зомби“ сега сака да ја оживее својата „Форца Италија“ и на следните избори повторно да биде избран за премиер.
Во интерес на Италија и на Европа, можеме само да се надеваме дека тоа нема да се случи. Италија може да добие стабилна влада единствено доколку противниците на еврото на Бепе Грило го сменат ставот, или доколку се приближат до левицата.