Меркел ја поддржува идејата за „Европа во повеќе брзини“
7 март 2017Концептот на „Европа во повеќе брзини“ подразбира дека некои членки на ЕУ ќе бидат обединети во подлабока соработка на одбранбен и економски план, а истовремено на другите земји ќе им биде овозможено истото да го направат подоцна, соопштија во заедничка изјава лидерите на четирите најголеми економии во ЕУ на неформалниот самит оддржан во понеделникот. Домаќин на состанокот на кој присуствуваа Ангела Меркел, Паоло Гентилони и Мариано Рахој беше францускиот претседател Франсоа Оланд.
„Унија не значи униформност“, изјави Оланд на заедничката прес конференција и побара „нови форми на соработка“ за ЕУ.
Еден од приоритетите, според францускиот претседател, е создавањето на Европска одбранбена сила која ќе соработува со НАТО. Исто, некои членки на ЕУ би можеле побрзо да се движат во продлабочувањето на Еврозоната и хармонизирањето на нивната фискална и социјална политика.
Неговите коментари ги поддржа Ангела Меркел, лидер на најголемата економија во ЕУ.
„Европа во повеќе брзини е неопходност, во спротивно ќе бидеме блокирани“, изјави таа. „Мораме да имаме храброст да прифатиме дека некои земји можат да одат напред побрзо од некои други“.
На самитот одржан вчера во Париз, четирите лидери не презентираа детален предлог. Но, се очекува членките на ЕУ да размислат за идните опции во периодот пред конференцијата во Рим закажана за 25 март. На состанокот кој се оддржува по повод 60 години од основањето на ЕУ ќе биде разговарано за реформските предлози на преостанатите 27 земји членки. До крајот на овој месец се очекува Британија да ги започне преговорите за излегување од ЕУ.
Опциите на Јункер
Идејата за различни степени на единство помеѓу ЕУ нациите ја поддржаа Шпанија, Италија и неколку други развиени земји. Новите членки на блокот, особено Полска и Унгарија, се резервирани во ставовите.
Минатата недела, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер предложи пет можни насоки за развој на ЕУ - кои се движат од: сведување на ЕУ само на заеднички пазар, оддржување на „статус кво“, намалување на влијанието на Брисел, федерален пристап во одлучувањето, до креирање на ЕУ во повеќе брзини - идеја која ја поддржаа најголемите играчи во блокот.
При презентирањето на неговиот предлог Јункер изјави дека Брегзит ќе биде тежок процес, но дека тоа нема „да ја спречи ЕУ да продолжи во иднината“.