ЕУ-самит: Персоналната вртелешка ќе врти и утре
1 јули 2019Маратонското заседавање оди во ново продолжение: претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, го одложи за утре самитот на ЕУ на кој трескавично се бара компромис околу личностите кои ќе ги заземат врвните позиции во Унијата. По неуспешното маратонско заседание во текот на изминатата ноќ, шефовите на држави или влади ќе се сретнат повторно утре во 11 часот.
Германската канцеларка по 18-часовните преговори во Брисел, изрази претпазлив оптимизам дека е можен компромис. „Компликувано е, но можно“, уверена е Ангела Меркел. Таа рече дека сѐ уште нема мнозинство за тоа Холанѓанецот Франс Тимерманс да го замени Жан-Клод Јункер на позицијата претседател на Европската комисија. Мнозинство нема ниту за останатите предлози.
Францускиот претседател Емануел Макрон зборува за „пораз, бидејќи нема резултат“ од преговорите. ЕУ-државите даваат „слика за Европа која не е сериозна“, оцени Макрон.
Повеќе:
ЕУ-расправија за врвните позиции
ЕУ-членките мора да најдат решенија за врвните позиции во Унијата, а притоа да биде постигната рамнотежа помеѓу партиско-политичките и регионалните интереси. Како наследник на Јункер прво во игра беше конзервативниот кандидат Манфред Вебер, но тој на самитот пред десетина дена не доби доволно поддршка од земјите членки на ЕУ. Особено Макрон смета дека Вебер, поради тоа што нема владино искуство, не е соодветен да го замени Јункер.
Потоа канцеларката Меркел на самитот на Г20 со Франција, Шпанија и Холандија се договори за предлогот Франс Тимерманс да биде шеф на ЕК, Вебер да биде назначен на местото претседател на Европскиот парламент, а Либералите да имаат можност да предложат свој човек на позицијата претседател на Советот на ЕУ. Ова наиде на огорченост во редовите на Европската народна партија, поради тоа што во таков случај конзервативците, и покрај тоа што се победници на европските избори, нема да имаат ниту највисока функција во Советот на ЕУ ниту во Европската комисија.
Самитот на ЕУ поради голем број предразговори вчеравечер започна со три и пол часа задоцнување, по што беше неколкупати прекинуван заради консултации. Покрај претседателите на Советот на ЕУ, на Европската комисија и на Европскиот парламент, треба да падне договор и за Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, како и за шефот на Европската централна банка.