ЕУ очекува правилни одлуки во случајот со петкратното убиство
2 мај 2012Запознаени сме дека истрагата за петкратното убиство кај Смиљковското Ееро од 12 април доведе до одредени апсења во рамките на полициската операција, спроведена на 1 мај, соопшти денеска Делегација на ЕУ во Македонија.
Продолжуваме одблиску да ги следиме активностите. Работа е на државните институции да ги извршуваат нивните дејности, без оглед на етничката или верската припадност на жртвите и на извршителите. Останува мирно да сочекаме судските органи да донесат правилни одлуки во разумен временски рок, се наведува во соопштението од Делегацијата на ЕУ.
Искази пред истражниот судија
Вкупно 20 лица приведени во акцијата „Монструм“, утрината по распитот во полициски станици беа изведени пред истражен судија. Во вчерашната акција беа направени претреси на 26 локации и беа приведени 20 лица осомничени дека учествувале во убиството кај Смиљковското Езеро. Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска вчера соопшти дека уапсените се радикални исламисти и дека нивната цела била да создадат чувство на несигурност и страв кај пошироката популација.
Дел од приведените војувале во Авганистан и во Пакистан на страна на талибаните и радикалните исламисти, против силите на меѓународната коалиција предводена од НАТО. Меѓу уапсените има лица кои се директно инволвирани во убиството кај Смиљковското Езеро, меѓутоа има и лица за кои нема податок дека биле на местото на настанот во критичниот момент.
ДУИ: Нема колективна одговорност, убијците имаат име и презиме
Албанците повеќе од кој било се заинтересирани за решавање на случајот со петкратното убиство кај Смиљковско Езеро, затоа што тие не можат да прифатат колективна одговорност за убиството на деца, порачаа пак од владејачката Демократска Унија за Интеграција. Според најголемата албанска партија во Македонија, ова е најголем криминал во историјата на земјата, каков немало и во времето на конфликтот. ДУИ ќе се залага за идентификувањето на убијците по име и презиме, без оглед од која националност се тие, изјави портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.