1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ мора да притиска за единствена светска регулација на финансискиот сектор

Бернд Ригерт13 октомври 2008

15 држави од евро-зоната плус В. Британија се договорија истовремено да применат исти мерки за спас на финансискиот сектор. Товарот за спасување на своите банки го носи секоја држава поединечно. Коментар на Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/FYUN
Конечно согласни: лидерите на земјите од зоната на еврото на средбата во ПаризФотографија: AP

Пред само една недела, на кризниот самит во Париз, таквото сфаќање уште беше невозможно. Сега, на вториот врвен собир, силата на финансиската бура ги растера сите задршки, но загубена е една драгоцена недела. Европските држави имаат намера да излезат на крај со кризата со делумен откуп на банките од страна на државата и со гаранции за меѓусебното кредитирање на банките. Во една локално ограничена финансиска криза тој рецепт успешно го тестираше Шведска во 90-тите години. Тогаш спасувачкиот пакет на крајот и не ја чинеше многу државата, оти банките се опоравија. Со оглед на сегашниот драматичен и брз развој, никој не може сериозно да претскаже дали рецептот ќе функционира и кај светската криза.


Ако планот не успее, цехот ќе го платат граѓаните


Државите на ЕУ мораат во краток рок да мобилизираат огромни суми милијарди. Во најлош случај, доколку се активираат и ветените гаранции, само во ЕУ ќе мора да бидат платени билиони, илјади милијарди. Досега немало таков пример, политичарите од ЕУ никогаш порано не мораа да донесуваат такви решенија. Тие пари и државите мораат да ги позајмат, ако не сакаат да воведат вонредни даноци, или ќе печатат нови, што би водело до енормна инфлација, односно обезвредување на парите на секој штедач.

Како и да се врти работата, ако пропадне планот на ЕУ, цехот на крајот ќе го платат граѓаните на Унијата. Со оглед на вртоглавите суми, дозволено е прашањето дали државата не може да банкротира? Може. Германија два пати банкротира - по Првата и по Втората светска војна. Монетарни реформи овозможија нов почеток. Но, денес тоа веќе не оди, оти со еврото 15 земји се неделиво поврзани.


Сите погледи насочени кон берзите


Впечатливо е дека се чини оти францускиот претседател Саркози и германскиот канцелар Меркел за само неколку денови се помирија и заеднички се борат. Тоа покажува колку е фактички сериозна заканата за европското стопанство. Сега сите погледи се фиксирани на берзите. Ќе се опорават ли, ќе бидат ли наградени со доверба напорите на политичарите? Веќе в среда претстои наредниот кризен самит на ЕУ. Сега преостанува само да се стискаат палците за среќа.

Кога бурата ќе се смири, Европа мора решително да притиска во светот за востановување единствена регулација на финансискиот сектор. Тоа овде досега го спречуваше Велика Британија. Сега британскиот премиер мора да донесе најголем пакет мерки за помош. Ние не можеме и понатаму нашите пари да им ги препуштаме на нетранспарентни фондови, неспособни банкарски менаџери и на алчни шпекуланти.

►◄