1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ бара заедничка платформа во однос на Косово

Зоран Јордановски18 февруари 2008

Историската и политичката ситуација на Косово е „сосем специфична“ и независно Косово не е преседан за други држави, нагласуват од ЕУ. Германија денеска нема да ја признае независноста на Косово.

https://p.dw.com/p/D99B
Германскиот канцелар Ангела Меркел: прво заедничка платформа на ЕУ, па потоа поединечно признавање на КосовоФотографија: AP
Илјадници Косовари целата измината ноќ во многу градови го славеа отцепувањето од Србија. Беше гласно и со многу емоции. Огномет го осветли небото над Приштина. Во прославата имаше повеќемина полесно повредени, но изостанаа меѓуетнички конфликти меѓу Косоварите и Србите. Ново Косово ветува целосно спроведување на планот на Марти Ахтисари за надгледувана независност. „Го каниме и му посакуваме добредојде на цивилното меѓународно присуство на ЕУ на Косово. Тоа треба да го надгледува спроведувањето на планот на Ахтисари. Го каниме и НАТО и натаму да остане како водечка воена сила на Косово“ – рече премиерот Хашим Тачи на вонредната седница на која косовскиот парламент ја прогласи независноста. ЕУ и натаму без усогласен став ЕУ веќе од порано го договори испраќањето цивилна мисија, но не може да се усогласи околу признавањето на самопрогласената независна држава. Германија денеска нема да ја признае независноста на Косово, изјави канцеларот Ангела Меркел во Берлин. Цел е прво да се изнајде заедничка платформа за дејствување на ЕУ, врз основа на која потоа секоја земја членка ќе може поединечно да дејствува. Во Брисел започна средбата на Советот на министрите за надворешни работи на земјите на ЕУ на која треба да биде изработена таква платформа. На викендот се чинеше дека во Бисел е се’ подготвено за заедничка реакција на ЕУ, министрите за надворешни работи на 27-те земји членки до доцна синоќа го усогласуваа заедничкиот став, но не постигнаа договор. Изостана и од повеќе извори најавуваното избрзано признавање на независноста на Косово од страна на големата четворка на ЕУ - Франција, Германија, Велика Британија и Италија. Државите-членки ќе го прифатат фактот за прогласувањето на независност - решението за признавање и’ е препуштено самостојно на секоја земја-членка или кандидат за членство. Владите на шест земји на Унијата - Кипар, Грција, Шпанија, Романија, Словачка и Бугарија, во текот на претходната недела изјавија дека нема да ја признаат едностраната одлука на властите во Приштина пред да извршат сестрани консултации во сопствените институции и со партнерските држави. Шефовите на дипломатиите, според најавите, ќе усвојат политичка изјава со која ќе се потврди заедничката определба за европска перспектива на Косово, во кое досега Унијата вложи околу 1 милијарда и шестотини милиони евра. Косово - специфичен случај Историската и политичката ситуација на Косово е „сосем специфична“ и независно Косово не е преседан за други држави, рече еврокомесарот за проширување на Унијата Оли Рен. И луксембуршкиот министер за надворешни работи Жан Аселборн нагласи дека Косово е „сосем специјален случај“. „Не мораме да избрзаме со признавањето, но мораме да прифатиме дека Косоварите сакаат независност“ - рече данскиот министер Пер Стиг. Претставникот за надворешна и безбедносна политика на Унијата Хавиер Солана побара од страните во косовскиот конфликт да постапуваат „со свест за одговорноста“. Волфганг Ишингер, германски амбасадор во Велика Британија, кој ја претставуваше ЕУ во последните преговори меѓу Белград и Приштина, не очекува избивање непријателства. Уште минатата година од српската влада добил уверувања дека таа нема да посегне по воени средства, рече Ишингер за Втората програма на германската телевизија. Доколку сепак дојде до инциденти, НАТО стори се’ во подготовката да им помогне на локалните сили за безбедност. Ишингер не очекува ни од страна на Русија натамошно заострување на ситуацијата. Претседателот на Европскиот парламент Ханс-Герт Петеринг нагласи: „Цел на Србија е еден ден да биде член на ЕУ. Долг е патот додека Србија и Косово заеднички да се најдат во Унијата. Од нив треба да се побара на тој пат да одат во партнерство, а не во конфронтација. Траба и натаму да разговараме со Русија - таа е важен партнер и не треба да ги преценуваме нивните заканувачки изјави“.