ЕУЛЕКС се спротиставил на намерата на Тачи
29 јули 2011Повикувајќи се на извори во Владата во Приштина, весникот „Коха диторе“ наведува дека ЕУЛЕКС се повикал на извршните овластувања кога минатата недела косовската Влада побарала да се спроведе одлуката за реципрочни мерки со Србија. Кога на ЕУЛЕКС во исто време му било кажано дека Владата и без благослов ќе преземе мерки за спроведување на одлуката, одговорено е дека тоа не може да се стори.
Премиерот Тачи минатата недела имал контакти со шефот на ЕУЛЕКС од кого добил негативен одговор на барањето да ја поддржи владата во спроведувањето реципрочни мерки на граничните премин и Јариње и Брњак. Премиерот јасно му рекол дека ќе делува на своја рака, но Де Марњак рекол оти такво нешто не треба да му падне на памет, изјавил извор близок до весникот.
Спречени каналите на шверц
Хашим Тачи во денешната изјава ја стави акацијата на косовските специјалци во контекст на борбата против организираниот криминал. Тој порача дека косовската влада, со помош на меѓународните партнери, успеала да го спречи шверцот на целата територија на Косово.
„За прв пат во последните 12 години, со одлука на владата на Косово и со поддршка на НАТО, успеавме целосно да го блокираме шверцот“, рече Тачи на седница на косовската влада, на која акцентот беше ставен на случувањата на северот на Косово.
Тачи изјави дека на северот, на двата премина, шверцот на стоки е блокиран во целост. „Сите граници на Косово ги чува и штити мисијата за владеење на правото на Косово и НАТО“, рече Тачи, додавајќи дека ставот на Србите од Косово за него е незаконски. „Нема да преговараме за да ја загрозиме безбедноста и територијалниот интегритет на Косово“, рече Тачи и го повика Еулекс да им помогне на косовските власти во воспоставување на редот и законот.
Автор: ГЧ/миа
Редактор: Симе Недевски