1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУЛЕКС ги презеде премините Јариње и Брњак

16 септември 2011

Со хеликоптери на ЕУЛЕКС, цариници и граничари на европската мисија, како и службеници на косовската влада се пренесени на спорните гранични премини Јариње и Брњак. Тензиите растат, повиците за смиреност се множат.

https://p.dw.com/p/12aIv
Конфронтации на границата (архива, 27. јули 2011)Фотографија: dapd

Службениците на ЕУЛЕКС и на косовската влада се пренесени додека Србите поставуваа блокади пред спорните гранични премини и го запреа сосема сообраќајот во тој дел на Косово. Досега, според информации од теренот, ситуацијата е мирна. Германските војници на КФОР на граничниот премин Јариње на плакати имаат напишано дека ќе пукаат доколку бидат нападнати. Во текот на јули, преминот беше запален од страна на Србите. Во Митровица, каде меѓу северниот и јужниот дел се поставени стебла, песок и тешки градежни машини, демонстрираат стотици Срби. Србите бараат на премините и натаму да има српски цариници и граничари.

Денеска (16.09) истече договорот меѓу Владата на Србија и КФОР, според кој тие два премини ги контролираа војници на КФОР. Српскиот министер за Косово и Метохија во Владата на Србија, Горан Богдановиќ, изјави дека е најважно што „народот е цврсто решен да ги брани своите интереси по мирен пат“, дека народот е единствен во ставот да се остане на тие простори и да се бранат не само српските институции, туку и „државата Србија на тие простори“. Портпаролот на косовската полиција Баки Кељани, пак, изјави дека операциониот план на Владата на Косово за воспоставување ред и закон на северот на земјата се остварува според предвиденото.

Grenzstreit Kosovo Serbien
Фотографија: dapd

ОБСЕ денеска ги повика сите страни на воздржаност, конструктивно дејствување и дијалог. Повик за деескалација и „избегнување на се‘ што би можело да предизвика судири“, упати и Вернер Хојер, државен секретар во германското министерство за надворешни работи. Во соопштението на Хојер се вели дека тоа што „правната мисија на ЕУ - ЕУЛЕКС ја презела царинската контрола е значаен чекор кон слободен проток на стока и нормализација на односите на Косово и Србија“.

Автор: ЕМФ/ дпа/ бета

Редактор: А. Трајковска