1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУЛЕКС во септември ја започнува истрагата за трговија со органи

31 август 2011

Мисијата на ЕУ на Косово, ЕУЛЕКС, треба од септември да ја почне истрагата за наводната нелегална трговија со човечки органи на Косово. На чело на Специјалната работна група ќе биде американскиот обвинител Џон Вилијамсон

https://p.dw.com/p/12QEj

Специјалната работна група за истрага е веќе формирана и треба да започне со работа во септември, изјави вчера во Советот за безбедност на ОН, Фарид Зариф, шеф на мисијата на ОН на Косово, УНМИК. На чело на Специјалната работна група ќе биде американскиот обвинител Џон Вилијамсон, соопшти во понеделникот ЕУЛЕКС.

Вилијамсон треба да ги истражи наводите од извештајот на швајцарскиот парламентарец Дик Марти во кој се тврдеше дека актуелниот косовски премиер Хашим Тачи и други високи функционери биле вклучени во нелегалната трговија. Марти, во својство на известител на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, во својот извештај, меѓу другото, наведе дека за време на војната на Косово, Ослободителната војска на Косово (ОВК) вршела трговија со човечки органи. Особено тешки обвинувања се изнесени за актуелниот косовски премиер Хашим Тачи. Тој во периодот во кој наводно се одвивале спорните активности бил лидер на групата на ОВК наречена „Дреница“, која на феноменален начин ги засилила своите активности во организираниот криминал, се вели во извештајот. Според него, во периодот од 1998 до 2000 година на заробениците им биле вадени органи и продавани на меѓународниот црн пазар за човечки органи. Заробениците потоа исчезнувале баз каква било трага.

Автор: СН/ЕМФ/афп

Редактор: Трајче Тосев