Ескалација на судирите во Киргистан
7 април 2010Киргискиот премиер Данјар Усенов и лидерите на опозицијата во земјата предмалку постигнале начелен договор за прекин на насилствата и ослободување на уапсените опозициски лидери.
Неизвесно е дали тоа ќе го сопре насилството во кое денеска загинаа најмалку 17 луѓе во жестоките судири меѓу безбедносните сили и опозициските приврзаници во главниот град на Киргистан, Бишкек. Насилство е забележано и во други градови низ земјата, но засега нема прецизни информации за состојбата во внатрешноста на државата. Судирите беа испровоцирани од апсењето на тројца високи опозициски лидери од страна на Владата.
Околу 5 илјади приврзаници на опозицијата денеска излегоа на протести во Бишкек, обвинувајќи ја власта за нарушување на човековите права, авторитарност и економски неуспеси. Откако успеаја да се изборат со полициските сили кои користеа гумени куршуми и солзавец, демонстрантите влегоа во зградата на парламентот и во објектот на државната телевизија.
Официјални извори потврдија дека најмалку 17 луѓе загинале, а повеќе од 140 се повредени.
Демантирана смртта на министерот
Противречни се информациите за случувањата во другите градови низ земјата. Агенциите јавија дека во градот Талас бил убиен и министерот за внатрешни работи, но неговиот портпарол ги демантираше ваквите информации. Неизвесно е што се случува и со владиниот вицепремиер, за кого се тврди дека е киднапиран од опозиционерите.
Опозицијата бара оставка од претседателот на државата Курманбек Бакијев, кој дојде на власт во 2005 година, по сличен бран на насилни протести.
Русија и САД, кои имаат воени бази во сиромашната земја, изразија загриженост и упатија апел за смирување на состојбата.
автор: БГ/ТТ/афп
редактор: Александра Трајковска