1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕК бара придржување до правилата за визниот режим

2 март 2010

ЕК бара од земјите кои добија либерализација на визниот режим да се придржуваат до преземените обврски. Комисијата апелира до владите да ги преземат сите можни мерки против злоупотреба на безвизниот режим.

https://p.dw.com/p/MHkf
Фотографија: European Communities

Европската комисија денеска (02.03.10) излезе со остар повик до македонските, црногорските и српските власти да ги удвојат напорите за спречување на масовната емиграција од овие две земји кон Европската унија откако на сила стапи визната либерализација. Европската комисија, која е најсилен поддржувач на укинувањето на визниот режим за Западниот Балкан ги потсетува владите дека слободата подразбира и одговорност.

Портпаролот Микеле Черконе изјави: „Европската комисија беше информирана од белгиските власти за зголемениот број барања за азил од граѓани кои неодамна добија визна либерализација, зборувам за ПЈРМ, Црна Гора и Србија. Ова го сметаме за последица на визната либерализација, се разбира се’ уште го мериме обемот на барањата, но мислам дека со сигурност може да се каже дека станува за миграциски притисок и најголемиот број на апликантите ова го прават од економски причини и немаат речиси ниедна шанса да успеат. Европската комисија сака да ги потсети националните влади дека имаат обврска да ги информираат граѓаните за правата и обврските на визната либерализација. Европската комисија ги повикува овие земји да ги вложат сите напори за да избегнат неразбирање и злоупотреба на слободата за патување во ЕУ од страна на граѓаните. Слободата доаѓа со одговорност и основно е да не се злоупотребуваат правилата за кои има заеднички договор.“

Европската комисија предложи укинување на визите за Србија, Црна Гора и Македонија во јули 2009-та. Либерализацијата стапи на сила на 19-ти декември минатата година. Владите на трите земји преземаа обврска кон европските партнери дека визната либерализација нема да ги загрози членките на ЕУ.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска