Екстремните сценарија стануваат поверојатни
7 мај 2012Резултатите од изборите во Франција и Грција повторно ги разгореа стравовите од должничката криза на финансиските пазари. Курсовите на акциите денеска (07.05.2012) паднаа ширум светот. Инвеститорите ги продаваат француските, грчките, шпанските и италијанските државни обврзници, а многумина го пренасочија својот капитал во германски обврзници, кои достигнуваат рекордно висока вредност. Еврото загуби од вредноста и повремено падна и под границата од 1,30 долари, на најнизок курс за последните 4 месеци. На пазарот на суровини под притисок се најдоа цените на суровата нафта и на бакарот.
„Првите реакции на пазарите покажуваат дека инвеститорите веројатно не очекуваа толку анти-евро резултати“, оценува Роџер Питерс, експерт за пазарна стратегија во банката Клоус Брадерс Сејдлер.
„Сега стануваат поверојатни екстремните сценарија , како на пример дека Грција можеби ќе ја напушти еврозоната или ќе банкротира“, вели тој.
Други банкари проценуваат дека изборите можат да донесат пресврт во трендот во Европа, оти луѓето се спротивставуваат на остриот курс на штедење, што им го натовари Германија. „Јазот помеѓу политичарите и избирачите се продлабочи. Избирачите испраќаат јасна порака: ’Ние не прифаќаме такви реформи‘. Тоа е загрижувачко. Стоиме пред голема криза во Европа - економска и социјална“, вели Стин Јакобсен, главен економист на Саксо-банката.
Грција има итна потреба од пари
Новоизбраниот претседател на Франција, социјалистот Франсоа Оланд, најави дека нема намера непроменето да ја продолжи политиката на штедење во Европа, за која особено се залага Германија, туку повеќе полага врз политика за стопански пораст.
Грција, пак, до средината на мај мора да има влада која ќе биде во состојба ефикасно да дејствува. Најдоцна на почетокот на јуни во Атина повторно ќе дојде „тројката“ од давателите на пари за да разговара за натамошни мерки за стабилизација на грчката економија. До крајот на јуни на Атина и’ се нужни 30 милијарди евра - 7 милијарди за плати и пензии и 23 за стабилизирање на банкарскиот сектор. Ако контролорите не наидат на ефикасна влада, можат „даја затворат славината“ и Грција би банкротирала на крајот од месецот.
Ќе состави ли некој влада во Грција?
Според уставот, шефот на партијата што на изборите доби најмногу гласови, Антонис Самарас (Нова демократија), ќе добие мандат во рок од три дена да состави влада. Ако не успее, потоа шанса ќе добие Алексис Цирпас од Сириза, втората најсилна фракција во новиот парламент. Доколку ни тој за три дена не состави влада, мандат ќе добие и третопласираниот ПАСОК, односно неговиот лидер Евангелос Венизелос. Последна можност е средба на претседателите на сите партии застапени во парламентот кај претседателот на државата Каролос Папулјас. Ако ни тоа не помогне, тогаш мора да се организираат нови избори во ток од 30 денови.
Конзервативците од Нова демократија и социјалистите од ПАСОК се подготвени за меѓусебна коалиција, но за мнозинство им е неопходен и трет партнер. Досега учество во таква коалиција одбиваат сојузот на радикалната левица Сириза, како и десноориентираните популисти од Партијата на независните Грци и помалата Демократска левица. Со фашистите или комунистите никој ни не помислува на коалиција.