Експертите против Светската банка за светската сиромаштија
24 март 2012Земјите во развој ја достигнале целта за двојно намалување на сиромаштијата, благодарение на економскиот бум во Кина, соопшти Светската банка.
Повеќе од една милијарда луѓе заклучно со 2010. година живееле во најсиромашните делови на планетата со помалку од 1,25 долари дневно.
„Тоа е голема бројка, но сепак двојно помала од онаа во 1990. година“, тврди Мартин Равајон, автор на експертската студија која ја изработи Светската банка. Според него, со тоа е исполнета првата од трите т.н. Милениумски цели поставени од светските лидери во 2000. година. Во неа беше наведено дека до 2015. година треба да се преполови бројката на екстремно сиромашни луѓе во светот.
„Ова е првпат да регистрираме генерално намалување на екстремната сиромаштија во сите шест делови подрачја на Светската банка“, изјави Равајон.
Поинаква реалност
Германските експерти критично гледаат на ваквите тврдења од Светската банка. Прва мета на критика е фактот што извештајот на Светската банка се повикува на бројки кои се добиени заклучно со 2008. година, а прави проценка за состојба во 2010. година.
Лудгер Ројке од невладината организација „Џерманвоч“ смета дека поради финансиската криза која го зафати светот токму од 2008. година наваму, бројката на екстремно сиромашни не само што не е намалена, туку е и зголемена.
Никол Рипин од германскиот Институт за развојна политика е скептична од друг аспект. Таа тврди дека голема улога во наводното подобрување на состојбата игра состојбата во Кина, факт што не го крие и самата Светска банка.
„Од 620 милиони луѓе кои од 1990. година наваму излегле од екстремна сиромаштија, 510 милиони живеат во Кина“, вели Рипин. Оттука и нејзиниот заклучок дека не може да се говори за глобално, туку за регионално намалување на сиромаштијата.
Како да се измери сиромаштијата?
Експертите исто така предупредуваат и дека сиромаштијата не може да се мери според тоа дали некој заработува 1,25 долари дневно. Луѓето во различни региони имаат различен пристап до храна, образование и здравствени услуги. Конечно, некои луѓе кои имаат пристап до храна, можат многу полесно да преживеат од некои кои добиваат и повеќе од еден долар, но поради повисоките цени не можат да се прехранат.
Во Милениумските цели, намалувањето на екстремната сиромаштија се вбројува како прва цел, но таа се состои од три поврзани делови, во кои уште се наведени и обезбедувањето пристојна работа за сите, особено за жените и за младите луѓе и конечно, двојно намалување на гладта заклучно со 2015. година.
Овие цели во извештајот на Светската банка не се споменуваат, а авторот на извештајот Мартин Равајон признава дека останува уште многу работа на ова поле.
„И кога би ги достигнале Милениумските цели, ќе останат повеќе од една милијарда луѓе кои ќе живеат под границата од 1,25 долари дневно. Тоа секако е неприфатливо“, вели Равајон.