1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економското опoравување од корона ќе трае долго

Пандеј Ашутош
2 декември 2020

Дури на крајот на 2021 година глобалната економија ќе достигне ниво на кое беше пред пандемијата на коронавирус, прогнозира ОЕЦД. Државите се опоравуваат, но со различна брзина, во зависност од регионот

https://p.dw.com/p/3m6j9
OECD Symbolbild
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Piermont

„Првпат од почетокот на пандемијата постои надеж за подобра иднина", пишува главната економистка на ОЕЦД, Лоренс Бун во новата прогноза за економски развој на Организацијата за економска соработка и развој. Но, додава дека патот на опоравок ќе биде полн со опасности и за некои земји ќе трае подолго отколку за други.

Светската економија оваа година ќе бележи пад од 4,2 %, но идната година ќе порасне за исто толку, се наведува во извештајот. Кај 37 членки на ОЕЦД падот ќе биде уште поголем (-5,5%), а опоравувањето ќе оди побавно. Германија може да се теши со тоа што нејзината економија во оваа година ќе има помал пад од просекот во ЕУ.

За тоа што светската економија стои подобро отколку на пример САД или еврозоната, е заслужна првенствено Кина. Земјата од која се рашири коронавирусот низ цел свет, е единствената национална економија која нема да забележи пад, туку раст (1,8%).

Покрај тоа, за идната година се предвидува пораст на кинеската економија од осум проценти, доста повисоко во однос на другите земји.

Очекувањата на ОЕЦД кога е во прашање глобалната рецесија во оваа година отприлика се поклопуваат со прогнозата изнесена од Меѓународниот монетарен фонд. Но, во поглед на идната година, ОЕЦД е помалку оптимистичен од ММФ, кој очекува раст од +5,2 проценти. Причината за помалиот оптимизам на ОЕЦД сигурно е поради вториот бран на коронавирус кој беснее во многу земји.

Сѐ зависи од вакцината

Претпоставка за секе заздравување, според ОЕЦД е можноста за ограничување на ново избивање на заразата и достапност на вакцината за мнозинството до крајот на 2021 година. Но, што ако притоа настанат сериозни проблеми со распределбата на вакцината или ако се појават неочекувани нус-појави? „Тоа многу би го оптоварило стопанството и би го зголемило ризикот послабите национални економии и претпријатија да паднат во економска криза, што би имало глобални последици", истакнува економистката Бун.

Повеќе на темата:

Германија ја подзатвора славината за корона-помош на фирмите

Работата од дома им штети на многу бранши

Кина, неомилен победник во годината на корона

Сепак нема да има историски пад на германската економија?

Невработеноста меѓу членките на ОЕЦД е за 1,25% повисока отколку пред пандемијата. Во САД и Канада меѓутоа е порасната повеќе отколку во Европа. Тоа се должи пред сѐ на бројните програми за скратено работно време  во ЕУ кај кои државите на вработените им исплаќаат дел од платите наместо работодавачите, за претпријатијата да можат да се откажат од отпуштање на работници.

Deutschland Leipzig | Autoindustrie & Corona | Porsche
ОЕЦД препорачува - да не се прекинуваат дтжавните програми за помош на фирмитеФотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

Се зголемува нееднаквоста

Секторот на ниски плати е особено погоден. „За вработените со ниски квалификации и оние со мали плати посебно е намален бројот на работни часови", се наведува во извештајот на ОЕЦД. „Тоа ја зголемува ионака присутната голема нееднаквост која постоеше и пред пандемијата."

И младите луѓе кои сега бараат работа моментно се во полоша положба. „Крајно тешко е среде криза да се застане на сопствени нозе на пазарот на работна сила", вели Бун за Дојче веле.

Извештајот на ОЕЦД ги фали бројните пакети за спас на економијата со кои државите, често потпомогнати и од централните банки, успеаја своите економии да ги зачуваат од најлоши последици.

Препораки до политиката

Сега е „пресудно оние кои имаат плитичка одговорност таквата помош да ја пружаат и натаму за да обезбедат преживување на стопански гранки, претпријатија и со нив поврзани работни места", вели економистката Бун. „Лекцијата која ја научивме од минатите месеци е дека тие мерки се соодветни".

Извештајот предупредува од прерано запирање на мерките за помош. „Цел на сите земји би требало да биде избегнување на прерано и нагло стопирање на програмите за помош", се наведува во извештајот. Владите освен тоа би требало да размислуваат како вистински да им помогнат на оние кои се најпогодени од кризата, сметаат во ОЕЦД.

ОЕЦД упати три препораки до носителите на политичка одговорност. Прво: да инвестираат во основните области како образование, здравство и физичка и дигитална структура. Второ: да делуваат решително за да спречат пораст на сиромаштијата и нееднаквоста со оглед на приходите. Трето: ОЕЦД ги повикува сите на посилна меѓународна соработка: „Светот не може да реши глобална криза така што секоја земја ќе дејствува за себе".

На крајот, главната економистка на ОЕЦД, Лоренс Бун внесува и малку умерен оптимизам: таа се надева дека светот по пандемијата „ќе биде помалку или повеќе ист, но сепак малку подобар."