1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еди Рама: Албанија и Косово ќе имаат заедничка стопанска комора

Александар Методијев/бета/макфакс23 март 2014

Албанија и Косово ќе се обединуваат економски. Тие треба да основаат заедничка стопанска комора. За тоа се заложи албанскиот премиер Еди Рама, кој е во дводневна посета на Косово.

https://p.dw.com/p/1BUWW
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Тој идејата ја изнесе пред албански и косовски бизнисмени во Пеќ.

„За да направиме еден национален (фудбалски, н.з.) тим не ни дозволуваат од ФИФА и УЕФА, но за национална стопанска комора никој не нѐ попречува и наша вина е ако тоа не го направиме“, рече Рама на состанокот со претприемачите во Косово.

Рама оцени дека заедничката национална стопанска комора ќе биде придонес за економското обединување на двете земји. Според него, ова е потреба со која ќе се овозможи подобро работење на компаниите.

„Немаме заедничка економска комора која под еден покрив ќе ги обедини албанските претпријатија на целата територија на Албанија и Косово и другите, а која ќе биде референтна точка за двете влади“, рече албанскиот премиер.

Тој најави дека многу бргу владите на двете земји ќе извршат заедничка проценка на царинските процедури, претворајќи ја границата во можност.

„Го укинавме двојното оданочување, а одлучивме и да го елиминираме ДДВ за книгите и весниците. На состанокот на министерскиот совет на Албанија на дневен ред ќе биде и укинувањето на ДДВ за челичните цевки“, рече Рама.

Албанскиот премиер во Косово предводи голем број на бизнисмени од Албанија со цел да се зајакне нивната соработка со бизнисмените од Косово.