Египет: Двете страни тврдат дека првата рунда е во нивна полза
16 декември 2012Муслиманското братство, врз основа на многу некомплетни и неофицијални бројки, тврди дека околу 70 проценти од избирачите се изјасниле во полза на текстот на Уставот. Опозицијата, пак, се спротивставува на ова тврдење и нагласува дека според првичните резултати од првиот круг гласање, 66% од гласачите го отфрлиле предложениот текст. Освен тоа, опозицијата го обвинува Муслиманското братство дека манипулирало со гласањето. Опозициониот сојуз Фронт за национален спас тврди дека имало кутии за гласање кои не биле запечатени и дека се вршел притисок врз избирачите.
„Обемот на манипулациите покажува дека Муслиманското братство сака да ја фалсификува волјата на гласачите за да обезбеди поддршка за Уставот“, соопшти Фронтот за национален спас, во кој се поврзани најважните либерални и секуларни опозициони партии во Египет.
Опозицијата тврди дека Муслиманското братство во дел од изборните места на гласачите им делело шеќер, нафта и чај.
Избирачките места вчера беа отворени во десет провинции, меѓу кои и во Каиро и Александрија. Гласањето требаше да заврши до 19 часот, но поради големите турканици на избирачките места беше донесена одлука гласањето да се продолжи за уште два часа. Египетските медиуми јавуваат дека, во текот на гласањето ширум земјата, во тепачки се повредени 19 луѓе.
На гласање за Уставот се повикани 51,3 милиони граѓани на Египет. Во останатите 17 провинции во земјата ќе се гласа наредната сабота (22.12).