1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европската унија и „бизарните“ блокади

Немања Рујевиќ/сн17 април 2016

Малкумина европски политичари имаат разбирање за блокадите на евроинтeграциите, со кои земји-членки на ЕУ се обидуваат да издејствуваат решавање на билатерални проблеми. Но тие се случуваат секогаш одново.

https://p.dw.com/p/1IWc1

Членките на Европската унија треба да се однесуваат во европски дух и решенијата да ги бараат преку разговор, а не преку блокади, е ставот кој го делат многу европски, а меѓу нив и германски политичари. Но Унијата повторно е сведок на нова таква блокада, овојпат од Хрватска. Таа го блокираше отворањето на преговорите на Србија со ЕУ со три забелешки, барајќи притоа подобра сработка на Србија со Хашкиот трибунал, хрватското малцинство да има гарантирани места во парламентот и Србија да ја укине универзалната надлежност за воените злосторства во поранешна Југославија. Според германскиот политичар Гунтер Крихбаум од редовите на Христијанско-демократската унија на канцеларката Ангела Меркел, блокадата не е најдобро средство за изнаоѓање решенија за билатерални теми: „ Немам разбирање за барањата на Хрватска, бидејќи се работи за билатерални теми за кои очекуваме да се решат со предвидените модули и судови - за тоа имаме меѓународни судови. Но немам разбирање за тоа што се блокирани поглавјата 23 и 24“, вели Крихбаум во интервју за Дојче Веле.

Gunther Krichbaum
Гунтер КрихбаумФотографија: picture-alliance/dpa

„Немаме разбирање за бизарната расправа за името“

Според него, генерално, за сите видови проблеми постојат механизми за решавање, па и тогаш кога државите водат дискусии или се во конфликт. Кирхбаум упатува на тоа дека во такви случаи e нормално да се очекува оти државите кои се во прашање ќе ги решат проблемите меѓусебно, а не ЕУ да биде злоупотребена во тие цели односно, сопственото членство во ЕУ да биде адут за спроведување на билатерални барања кои постојат подолго време. „Потсетувам дека Хрватска беше во слична ситуација во однос на Словенија, кога беше спорен протекот на границата во Пиранскиот залив. И тогаш влијаевме на Словенија да се откаже од блокадата. Tоа не е првиот пример на блокада на европските интеграции поради билатерални проблеми, но во секој случај првиот успешно разрешен.“

Што се однесува до спорот меѓу Македонија и Грција околу името, никаков притисок не даде резултати. „Тука немаме разбирање. Поради бизарната расправа околу името со години да се одложуваат пристапните преговори. На тој план веќе можевме да бидеме понапред. И тука е во сила нашиот апел Атина конечно да се откаже од блокадата“, вели Крихбаум.

Тој не одговара директно дали Загреб е ставен под притисок да се откаже од блокадата, но истакнува дека постои соодветен формат во Европскиот совет во кој ова прашање секако ќе биде тематизирано.

„Се надевам оти Хрватска ќе попушти. Таму би требало да се сетат како ним им се помогна кога беа во слична ситуација и оти Хрватска тогаш им вети на европските партнери оти нема да става такви блокади. А тоа, како што гледаме, сепак го стори“, истакнува германскиот политичар.