1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа останува поделена по прашањето на независноста на Косово

Бернд Ригерт18 февруари 2008

Министерот за надворешни работи на Луксембург Жан Аселборн изјави спроти средбата со неговите колеги од члените на ЕУ денеска во Брисел дека Унијата за прв пат би можела да го употреби зборот „признавање“ попладнево.

https://p.dw.com/p/D9ER
Министрите за надворешни работи на Германија и на Луксембург, Штајнмајер и АселборнФотографија: AP

Ден по објавувањето на независноста на Косово, ЕУ останува без заедничка позиција. Четирите големи европски земји Германија, Франција, Велика Британија и Италија би можеле уште попладнево да ја признаат независноста на Косово, се дознава од дипломатски кругови во Брисел.

Шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер смета дека дури големо мнозинство, но сепак не сите членки на Унијата ќе ја признаат новата држава.„Ќе се потрудиме европската реакција, која сега се бара, да биде заедничка реакција“ – порача Штајнмајер.

Шпанија ја предводи групата противници на независноста

Неговиот шпански колега Мигуел Анхел Моратинос ја отфрла идејата за признавање на Косово:„Владата на Шпанија нема да го признае тој унилатерален акт на косовскиот парламент затоа што не сметаме дека му соодветствува на меѓународното право.“ Таков е ставот и на Романија, Словачка, Кипар и Грција. Сите овие европски земји се плашат дека случајот на Косово ќе стане преседан и ќе ја отвори вратата за слични аспирации на малцинствата во нивните држави. Затоа тие барем за сега Косово ќе го сметаат и понатаму за дел на Србија. Сепак има заеднички именител?! Актуелниот претседавач со Министерскиот совет на ЕУ, словенечкиот министер за надворешни работи Димитри Рупел, се обиде да ги израмни несогласувањата, нагласувајќи дека сега е најважно што Унијата се согласила за испраќањето нејзина мисија на Косово, како и висок претставник кој ќе ја надгледува независноста. На тоа се сложи косовскиот парламент.„Признавањето не е прашање на целата ЕУ, туку на одделните членки. Според моите сознанија Косово ќе го признаат цела низа членки на ЕУ.“
Неговиот француски колега Бернар Кушнер смета дека поделбата во рамките на ЕУ околу независноста на Косово не ја ослабила позицијата на Европа:„Напротив, сметам дека тоа е голем успех за Европа, за Косоварите и сигурно не претставува пораз за Србија!“
Данскиот министер за надворешни Пер Стиг Мелер нагласува дека и Србија и Косово еден ден можат и сакаат да станат членки на Унијата. Што се однесува до потпирањето на Србија на Русија, Мелер оцени:„Србија нема да стане дел од Русија, туку дел од Европа!“