Европа на бастун!
3 ноември 2011Ирците не мораат да стравуваат. И покрај должничката криза, бројот на новороденчињата во таа земја е најголем во ЕУ. Според статистиката во Ирска, жена во таа членка на Унијата раѓа по 2,07 деца. По Ирска, на самиот врв по бројот на децата се скандинавските земји. Потоа следуваат Франција и Велика Британија.
Вработените жени имаат повеќе деца
Аксел Плинеке работи на Институтот за економски истражувања во Келн. Задолжен е за образовната политика и анализа на пазарот на работна сила. Тој се обидува да воочи што е причината за значително зголемениот број на деца во споменатите држави. Имено, првата причина би можела да биде пазарот на труд на кој жените се чувствуваат интегрирано. Значи, не се работи само за инфраструктурата која овозможува поголема грижа за децата, туку и за социјалното опкружување, како што е културата во тие држави наклонета кон децата, тврди Плинеке.
Навистина мора да се признае дека наталитетот во ЕУ повторно е во пораст. Жените во Европа во просек раѓаат по 1,6 деца. Тоа се податоците со кои располага Европската комисија, кои укажуваат и на тоа дека има се повеќе стари и немажени жени, кои одлучуваат да станат мајки. Се претпоставува дека вродила со плод грижата за семејството на национално ниво, која подразбира и поголема финансиска поддршка за родителите. Но, тоа не е доволно. За да се одржи нивото на наталитетот, неопходно е коефициентот на родените деца да изнесува 2,1.
Европа-жртва на сопствените успеси
Европејците во секој случај стареат. Просечниот Европеец живее 76 години, а Европејката 80 години. Сепак, треба да се наведе дека тие бројки од држава до држава прилично се разликуваат. Во Италија, Франција и Германија живеат најстарите мажи. На истокот од Европа мажите во просек се нешто помлади и имаат нешто пократок животен век. Но, и тие делови од Европа треба да сметаат на иста судбина за 50-ина години.
Подобриот животен стандард во Европа овозможи подолг животен век на Европејците. И бројот на смртноста на новороденчињата исто така значително опадна, посебно во Романија и Бугарија. Во извештајот на Европската комисија демографските прилики на стариот континент се објаснуваат со реченицата: Европа е „жртва“ на сопствениот успех.
Сето тоа поприличино ги оптоварува националните социјални системи. Каде што има помалку луѓе во работен однос, има и помалку придонеси за пензии и социјални фондови. Следните години во пензија ќе одат и првите генерации родени по Втората светска војна. ЕУ очекува до 2014-та година бројот на вработените да почне значително да опаѓа.
Проблеми на југот на Европа
Бидејќи има се‘ повеќе пензионери и издвојувањата од социјалната каса се се’ поголеми. Некои проценки велат дека до 2050-та година ќе се удвои бројот на луѓе со деменција, или губење на мозочната фунција за меморирање, размислување, зборување, судење и однесување. Тоа значи дека ќе бидат неопходни далеку поголеми средства за нивно лечење.
Аксел Берш Супан е директор во минхенскиот Центар за економија на стареењето на Макс – Планк институтот и стручњак за социјална политика. Тој не верува дека демографската слика на Европа ќе се одрази така драстично на економските движења.
„Негативен ефект секако дека може да има, но не можеме со сигурност да кажеме дека така и ќе биде“, вели овој експерт.
Младите работници веројатно ќе мораат да сметаат на плаќање повисоки придонеси, но ако работниците одлучат да работат и по стекнувањето услови за одење во пензија, тоа би можело да се компензира, вели Берш Супан.
Трет фактор – миграции
Третиот фактор кој се одразува на демографските прилики во Европа се миграциите. Според податоците на Европската комисија, миграционите движења имаат далеку поголемо влијание отколку наталитетот. Во ЕУ во моментов живеат околу 20 милиони странци. За половина век, речиси секое трето лице во ЕУ ќе има странско потекло. Миграциите според овој стучњак се можното решение на проблемот.
Меѓутоа, тој не тврди дека со тоа населението во Европа ќе се подмлади. „За такво нешто е потребна далеку помасовна миграција“, заклучува Берш Супан.
Автор: Дафне Гратвол/ Александар Методијев
Редактор: Ж.Ацеска