Државниот врв го пречека Тарчуловски во Скопје
11 април 2013Јохан Тарчуловски кој со владиниот авион околу 15 часот пристигна на скопскиот аердором, на пистата беше пречекан од неговите деца и македонскиот премиер Никола Груевски. На аеродромот беа и членови на неговото семејство, пријатели и поддржувачи, владини министри, пратеници, како и голем број граѓани кои дојдоа лично да го поздрават и да му посакаат добредојде. Здружението за поддршка на Јохан обезбеди 50 автобуси кои бесплатно сообраќаат до скопскиот аеродром „Александар Велики“ и потоа до плоштадот „Македонија“, како и 200 автобуси за оние граѓани од внатрешноста на државата кои сакаа да дојдат и да го пречекаат Тарчуловски.
По пречекот на скопскиот аеродром, предвидено е Тарчуловски да има средба со премиерот Груевски и да положи цвеќе пред Споменикот на бранителите кој се наоѓа во близина на Порта Македонија. На плоштадот „Македонија“ во 16:30 часот ќе биде организирана и прослава во чест на враќањето на Тарчуловски на која ќе настапат познати пејачи од македонската забавна и фолк естрада.
Јохан Тарчуловски вчера беше ослободен од германскиот затвор во Диц откако издржа две третини од 12-годишната затворската казна што му ја изрече Хашкиот трибуналот за воени злосторства за случувањата во скопското село Љуботен.