Драматична состојба во Шангај поради смогот
7 декември 2013„Никогаш не било олку лошо“, вели 56-годишен жител на Шангај и беспомошно додава: „Не знаеме што да правиме“. И тој, како и останатите жители на милионската метропола, носи заштитна маска на лицето. Оние што немаат маски, ги покриваат устата и носот со шалови и шамии.
Загадувањето на воздухот од ситна прашина во Шангај во меѓувреме достигна драматични вредности од повеќе од 600 микрограми на кубен метар воздух. Тоа е 24 пати повеќе од границата што според Светската здравствена организација е толерантна - 25 микрограми.
Вонредна состојба
Покрај Шангај, особено многу се загадени соседните провинции Џиангсу, Зеџианг, Анхуи и Хенан на истокот на Кина. Властите прогласија втор највисок степен на предупредување и воведоа голем број итни мерки, како запирање на градежните работи, намалување на бројот на автобуси на улиците за една третина, како и забрана за излегување надвор на учениците. Освен тоа, откажани се и дел од летовите на аеродромот во Шангај.
Екстремно високите концентрации на издувни гасови во воздухот претставуваат голема опасност за здравјето. Тие можат да предизвикаат мозочни удари, срцеви заболувања, проблеми на дишните патишта, или да бидат предизвикувачи на рак и на проблеми во бременоста, предупредуваат лекарите. Освен тоа, смогот предизвикува големи проблеми во сообраќајот, со оглед на тоа што на места во Шангај видливоста изнесува помалку од 50 метри.
Метеоролозите оценуваат дека виновник за високите концентрации на смог е времето, односно недоволно ветер кој би го одвеал загадениот воздух од градот. Според прогнозите, ситуацијата нема да се промени до крајот на наредната недела.