1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дојче банк ја завршува глобалната авантура

Хенрик Беме
8 јули 2019

Времињата во кои Дојче банк сакаше да биде голем играч се минато. Враќање на корените, гласи новата девиза. Планот е радикален, успехот не е гарантиран, смета Хенрик Беме.

https://p.dw.com/p/3LkIP
Deutschland Deutsche Bank in der Krise
Фотографија: Reuters/K. Paffenbach

Нештата се како во вистинскиот живот. Пред евентуално да се подобри ситуацијата, таа прво се влошува. Тоа важи и за Дојче банк. Банката број 1 во Германија презема големи чекори за конечно да им стави крај на проблемите со кои се соочуваше. Некогаш гордата банка со 149-годишна, променлива традиција, во изминатите години оддаваше очаен впечаток. За да може евентуално да го спаси пациентот, првиот човек на банката Кристијан Зевинг кој нешто повеќе од една година е на таа позиција, презема „итна операција“, бидејќи естетски корекции ни приближно нема да бидат од помош. Банката минатата година за првпат по 3 години повторно имаше добивка.

Во првиот квартал годинава исто така забележа плус. Но, 200 милиони евра се смешно малку во споредба со конкуренцијата, особено од САД. Банката и во вториот квартал имала профит. Но, големата реорганизација, особено укинувањето на 18 илјади работни места, во голем дел во областа на инвестициското банкарство, ќе ја чини многу банката - според нејзини проценки 7,4 милијарди евра - и така од малата добивка ќе излезе голема загуба, односно 2,8 милијарди евра во вториот квартал.

Ризиците се изолираат

Лесно е да се предвиди дека банката во целата календарска година тешко ќе оствари добивка. Акционерите исто така ќе мора да се стрпат, бидејќи распределба на дивиденди годинава и следната година не е предвидена. Затоа, пак, ќе избегнат натамошно зголемување на капиталот, што секогаш е непријатна мерка за акционерите бидејќи на тој начин се разводнува вредноста на нивните акции. Банката во изминатите години често ги молеше акционерите да попуштат, па така беа продадени нови удели во вредност од 27 милијарди евра и на крајот немаше никаков ефект од таа мерка. Затоа Зевинг потребните средства ги зема од сопствените резерви на банката кои се многу поголеми, бидејќи таа и натаму е една од порелевантните за финансискиот систем на светско ниво. Истовремено, ризичните финансирања ќе бидат изолирани во посебна „Bad Bank”. Една петтина од вкупните долгови на банката плус т.н. „ризична актива“ (или со други зборови - состојките за следната светска финансиска криза) во висина од 74 милијарди евра треба да бидат префрлени таму.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме

Збогување од Лигата на шампионите

Банката ќе се збогува од големи делови на инвестициското банкарство, а ќе ги задржи само оние аспекти од него во кои досега имала некаков успех. Но, банката ќе се повлече од тргувањето со акции и камати. Тоа е признание за неуспехот токму на полето каде што првично банката сакаше да биде конкуренција на оние од Волстрит. Тоа истовремено ќе ги зајакне банките кои добро заработуваат. Дојче банк денеска се збогува од лигата на банкарските шампиони. Во фокусот сега се компании и индивидуални клиенти, при што е загрижувачки кога Зевинг вели дека „со тоа што банката повторно целосно ќе ја насочиме кон своите клиенти, ќе се вратиме на корените“. А, на што ли биле тогаш насочени бизнисите од изминатите години?Дали во франкфуртските кули близначки заборавиле за кого всушност постојат? И ако било така, зошто толку време требше некој да забележи? Што ли правеле сето ова време надзорните одбори?

Колку ќе трае овојпат?

Зевинг превиде три години за реформите. Од 2022 година банката треба да блеска во стариот сјај, да ги има намалено преголемите трошоци, да има модерна информатичка инфраструктура и многу помалку вработени од денес. Тоа нема да е лесна задача, бидејќи во меѓувреме на германскиот пазар пуштија корени разни народни банки и штедилници (на кои во минатото се гледаше со потсмев оти биле дздодевни и не биле „атрактивни”). Нема да биде лесно ни сѐ додека Европската централна банка продолжува со истата политика како и досега, а нема назнаки дека нешто во догледно време ќе се смени.

Точно е дека е радикален пресврт, но тој одамна беше нужен. Би можело да биде нов почеток за нова Дојче банк. Но, ќе треба да соработуваат и вработените кои со години страдаа од постојаната потрага по нова стратегија. Мора да соработуваат и клиентите. Само заради тоа што некој ќе закачи знакче „Сѐ е ново", не значи дека веднаш со одушевување ќе се вратат фирмите или физичките лица кои заминале во друга банка заради тоа што биле разочарани од Дојче банк. Некој можеби и ќе се праша - колку ли ќе истрае банката овојпат?

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58