1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Дојдов за да ја зацврстам вашата верба во Бога“

5 јуни 2011

Денеска (5.6.) во Загреб завршува дводневната посета на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Бенедикт Шеснаесетти. На мисата на загрепскиот хиподром се собраа близу 400 илјади верници.

https://p.dw.com/p/11UiF
Фотографија: picture-alliance/dpa

Папата Бенедикт Шеснаесетти денеска ја продолжи дводневната посета на Хрватска. Поглаварот на Римокатоличката црква денот го започна со служење свечена миса по повод Националниот ден на хрватските католички семејства. На мисата, која се одржа на загрепскиот хиподром, учествуваа околу четиристотини илјади верници. Меѓу другото, тој истакна:

„Денеска сум тука за да ја зацврстам вашата верба во Бога. Но, истовремено и вие ми ја дарувате истата таа верба, збогатена со вашите искуства, радости и маки“, рече Бенедикт Шеснаесетти. Тој ги благослови и верниците во Словенија, Србија, Македонија, Романија, Албанија и Германија.

Поддршка за приемот на Хрватска во ЕУ

Поглаварот на Римокатоличката црква првпат престојува во официјална посета на Хрватска. Тој вчера се сретна со претседателот на државата Иво Јосиповиќ и премиерката Јадранка Косор, при што ја истакна својата поддршка за европската интеграција на Хрватска.

NO FLASH Kroatien Papst Besuch Benedikt XIV
Фотографија: picture alliance / dpa

„Вашата земја уште од почетокот припаѓа кон Европа и на посебен начин го дава својот придонес за духовните и морални вредности, кои со векови го обележуваат секојдневниот живот и индивидуалниот, како и национален идентитет на сите жители на Европа“, истакна Папата во Загреб.

По завршувањето на мисата на загрепскиот хиподром, Бенедикт Шеснаесетти денеска се упати кон седиштето на Хрватската бискупска конференција, каде на ручек беа поканети високи претставници на хрватската црква. Во 17 часот, пак, светиот отец ќе ја посети катедралата во Загреб, каде ќе одржи вечерна миса.

Автор: ТТ/ЕМФ/хина/миа/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска