Донаторите се срамат од изградба на тоалети
19 ноември 2012Денеска е Светски ден на тоалетите. Многу луѓе, особено во кризните подрачја ширум светот, немаат голем избор. Тие се принудени да копаат тесни ровови кои претставуваат импровизирани тоалети, во некои случаи дури и за над 15 лица.
„Хуманитарната помош секогаш доцни“, вели Пол Шенахан.
Тој е координатор на хуманитарниот проект „Wash“, кој е инициран од УНИЦЕФ, а се однесува на обезбедување чиста вода и хигиенски услови во најзагрозените области. Според него, тоалетите се најскапата инвестиција во овој проект, а покрај тоа потребно е и доста време за нивна изградба.
Клучен проблем при катастрофа
Шенахан вели дека обезбедувањето на минимални санитетски услови е еден од главните приоритети при соочување со големи катастрофи.
„Фекалиите може да бидат извор на инфекции и зарази и токму поради тоа мора да се отстрануваат на соодветен начин.“ Во оваа насока, најкритични локации се бегалските кампови каде луѓето се постојано изложени на заразни болести како колера или диареја.
Тоалетите во бегалските кампови се доста примитивни. Всушност тоа се длабоки јами прекриени со под од дрвени штици во кои има дупка. За да се обезбеди приватност на луѓето во нив, однадвор се прикриваат со церади. Тоа е најбрзиот начин за да се обезбедат барем минимални хигиенски услови.
Скудни резерви на вода
Пол Шенахан исто така истакнува дека во тоалетите нема тоалетни казанчиња и дека тие воопшто не се поврзани со одводна канализација.
„Во просек, дневно, во бегалските кампови секој човек има на располагање онолку санитарна вода, колку што најчесто се троши со едно испуштање на тоалетното казанче. Во таква ситуација е многу подобро водата да се искористи за некоја друга цел, како на пример миење раце“, вели Шенахан.
Честопати се случува хуманитарните организации да ангажираат луѓе од локалното население, со цел на бегалците разбирливо да им ги пренесат правилата и распоредот за одржување на лична хигиена.
Помошниците од локалното население истакнуваат дека кога станува збор за хигиената во кампот, бегалците се интересираат за два услова: нивната безбедност и достоинство.
„Доколку ги изградиме тоалетите без претходно да ги консултираме луѓето во кампот, постои опасност дека можеби ќе ги поставиме на за нив, несоодвети локации“, додава Шенахан.
Сексуални злоставувања на пат до тоалет
Хуманитарните работници се свесни дека во бегалските кампови неретко се случува жените и младите девојки да бидат силувани додека одат кон тоалетите. Шенахан смета дека ова може да се спречи со превземање на едноставни мерки:
„Тоалетите не може да бидат поставени далеку, надвор од кампот. Исто така доброто осветлување во и околу нив е доста важно.“
„Иако во светот постои развиена свест дека чистите и безбедни тоалети се доста значајни за кризните региони, сепак многу донатори не се заинтересирани за практично спроведување на оваа идеја“, истакнува Шенахан.
Како пример за ова тој ја наведува иницијативата на Обединетите Нации за обезбедување на средства наменети за помош во регионот Сахел, Африка.
„Иако речиси 65 проценти од потребната хуманитарна помош се веќе обезбедени, сепак во областа на хигиенските услови, донаторите имаат собрано само 30 проценти од средствата.