1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доналд Трамп: Стоп за доселувањето во САД

ЖА / агенции
21 април 2020

Официјална причина е пандемијата на коронавирус, но американскиот претседател отсекогаш ја следи својата цел- сега најави времено стопирање на доселувањето во САД.

https://p.dw.com/p/3bDUz
USA Coronavirus Donald Trump PK
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Brandon

Доналд Трамп повторно зборува за „невидливиот непријател“ и за „нужноста од заштита на работните места на нашите прекрасни американски граѓани“. Во овој контекст Трамп на Твитер најави потпишување декрет за привремено стопирање на доселувањето во САД. 

Подетални информации нема ни од Белата куќа, затоа е нејасно кои форми односно кои визи ќе бидат засегнати од мерката. Останува отворено и од кога и до кога ќе важи стопирањето на доселувањето и врз какви правни основи ќе се базира одлуката.

Трамп ги доби изборите во 2016 година и благодарение на своето ветување да го запре напливот на мигранти со изградба на ѕид на американската граница со Мексико. Во првите три години од својот мандат, тој воведе повеќе мерки за ограничување на илегалното но и легалното влегување во земјата.

„Не станува збор вистински за доселување. Во прашање е пандемијатаи неопходноста за поголема безбедност на нашата земја, а истовремено и за заштита на шансите на невработените Американци“, изјави Томас Хоман, поранешен директор на Службата за доселување и царина по објавата на твитот на Трамп. 

Границите всушност се одамна затворени

Туристичките и долгорочните деловни визи во САД не се сметаат за доселенички визи. Во последнава категорија спаѓаат првенствено визите за временски неограничен престој, одредени работни визи и дозволите за престој за брачни партнери или членови на семејства на американски државјани.

Во текот на изминатите месеци, поради пандемијата на коронавирус, Трамп веќе издејствува затворање на границите кон Мексико и Канада. Сите луѓе кои се фаќани на јужната граница во меѓувреме итно се депортираат во нивните татковини, дури и барателите на азил. Покрај тоа, американската влада издаде забрана за влез за сите Европејци. Освен тоа, од крајот на март САД речиси воопшто не издаваат влезни визи. Амбасадите и конзулатите засега ги обработуваат барањата за виза само во итни и поединечни случаи, соопшти американското Министерство за надворешни работи, со напомена дека не може да се предвиди кога повторно ќе започне нормалната работа.