170511 DSK Verschwörung
17 мај 2011Еден од првите кои јавно проговорија на таа тема беше Жан-Кристоф Комбаделис, еден од најпознатите пратеници од редовите на социјалистите.
„Обично не верувам во теории на заговор, но се` уште се сеќавам дека на Доминик Строс-Кан му беше речено дека го очекува вистински пекол, доколку направи барем еден чекор во насока на кандидатура за претседател“, нагласува Комбаделис.
Наводно веќе е откриен и оној, кој ја „наместил“ целата афера - Џонатан Пине, млад активист од страната на конзервативците, кој само некоклу минути по апсењето на Строс-Кан во Њујорк, на својот профил на Твитер напишал: „Строс-Кан вмешан во тежок инцидент во Њујорк.“ Информацијата наводно ја добил од друг пријател. Како Пине можел да го знае тоа? Само ако некој од членовите на партијата на Саркози ја подготвил стапицата. Арно Дасие, кој ја организираше интернет-кампањата на Саркози во 2007 година, се соочува со обвиненијата дека ја проширил информацијата од Њујорк. Тој демантира:
„Целата теорија на заговор се заснова на кратка информација, која беше објавена на француската интернет-страница „le post.fr“ и содржеше факти, кои не беа точни. Меѓу другото, пишува дека сум ја избришал мојата порака, што не е точно. Не се совпаѓа ниту временскиот развој на настаните.“
Милион евра за наводната жртва?
Шпекулациите дека целата афера околу Строс-Кан навистина е наместена работа ги подгреа и весникот „Либерасион“. Антоан Гирал, новинар од лево-либералниот дневен весник, во април имаше можност да се сретне со Строс-Кан. Присетувајќи се на разговорот со него, Гирал истакнува:
„При средбата тој зборуваше за можноста од инсценирани инциденти. Спомнуваше силување на паркинг. Некој можел да и` плати на одредена личност половина или милион евра, за да ја игра жртвата“, нагласува Гирал.
Зборот на едниот, против зборот на другиот. Во меѓувреме, други новинари во Франција критички забележуваат дека никој во земјата не се позанимавал со шпекулациите за насилно однесување на Строс-Кан, иако тие кружат веќе подолго време.
Следната глава од теоријата на заговор е веќе почната: наводно њујоршката полиција сакала да го „намести“ Французинот. Медиумите веќе наголемо почнаа да ги анализираат сите нелогичности во обвинението против Доминик Строс-Кан.
Автор: Јоханес Духров/Трајче Тосев
Редактор: Жана Ацеска