1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Долгата рака на Иран во Ирак

Андреас Горжевски/ Симе Недевски14 август 2014

Иран има големо влијание врз политиката во Ирак. Сега тоа го почувствува и Нури ал Малики. Со оглед дека Техеран му го заврте грбот, неговите денови како ирачки премиер, се чини се изброени.

https://p.dw.com/p/1CtjC
Фотографија: picture-alliance/dpa

Едно време Нури ал Малики, шиитскиот премиер на Ирак, уживаше поддршка од иранската влада. Техеран во 2006. година даде зелено светло за неговиот прв мандат, а можеше да се потпре на шиитските соседи и во борбата против сунитските екстремисти. Но сега Иран му го заврте грбот на премиерот кој го отфрла националното помирување и со тоа ги поттикнува конфликтите во Ирак.

Советот за национална безбедност во Иран во вторникот (12.8.) ја најави промената на курсот. Официјален Техеран го поддржува парламентарниот процес за смена на Малики, а на поддршка изгледа може да се надева потпретседателот на Парламентот во Багдад, Хајдар ал Абади кој во понеделникот (11.8.) од ирачкиот претседател доби мандат за составување на новата влада.

Од падот на Садам Хусеин во 2003. година, Иран интензивно се меша во внарешните работи на соседната држава. Според мислењето на универзитетскиот професор од германскиот град Ерфурт, Ферхад Сејдер, тоа влијание има многу подолго.

За време на владеењето на Садам Хусеин од 1979. до 2003. година шиитското мнозинство во Ирак беше под постојан притисок. Многумина пребегаа во соседен Иран. „Така беа развиени блиски врски“, вели стручњакот за Ирак, Сејдер, за ДВ. Оттогаш Техеран има добри контакти речиси со сите шиитски партии, движења, организации и милиции во Ирак. Патриотската унија на Курдистан, еден од двете главни курдски политички организации во северен Ирак е во сојуз со Иран.

Imam-Ali-Schrein in Nadschaf
Фотографија: picture-alliance/dpa

Политичко, воено и верско влијание

Техеран може да влијае на развојот на настаните во Ирак на различни нивоа. „Иран има добри односи, посебно со партијата Дава на Ал Малики и Ал Абади“, вели Лина Хатиб, директорка на Карнеги фондацијата во либанскиот главен град Бејрут. Освен тоа, Иран воено ги поддржува ирачката армија и шиитските милитанти. На трето место е блиската врска меѓу религиозните шиити во двете земји во Персискиот залив. Во ирачките градови Наџаф и Карбала се наоѓаат двете најважни шиитски светилишта, кои секоја година ги посетуваат стотици илјади Ирачани и Иранци.

Исламската Република Иран е речиси четирипати поголема од Ирак и има околу трипати повеќе жители. Техеран, западниот сосед е исто така важен за Багдад и во стратешка смисла. Тој е алка во таканаречената „шиитска полумесечина“, објаснува професорот Сејдер. Оваа област населена со шиити се протега од Либан преку Сирија и Ирак па сѐ до Иран. „Тоа е многу скап проект. Иран вложи многу труд и пари за го оддржи своето влијание во овој дел од светот“, вели стручњакот за Ирак.

Schiiten melden sich als Freiwillige für die irakische Armee
Фотографија: Ahmad Al-Rubaye/AFP/Getty Images

Политичките стратешките и верски интереси на Иран во Ирак сега се загрозени поради продирањето на сунитската терористичка милиција Исламска држава. За да ја запрат, Иранците се приближија до својот најголем непријател- САД. Според Лина Хатиб, елитните единици на републиканската гарда на Иран веќе се борат против сунитската милиција. САД помагаат со воздушни напади. Иран и САД ги поддржуваат централната влада во Багдад и Курдите во борбата против екстремистите. Хатиб смета дека Техеран со ангажманот во Ирак отвора можност за повторен дијалог со Вашингтон.