Докторите го будат Шумахер од кома
30 јануари 2014Докторите го започнале процесот на будење од кома на поранешниот светски првак во Формула 1 Михаел Шумахер, соопшти неговата менаџерка Сабине Кем.
„Му ја намалија дозата на лекови за да започне процесот на будење, кој може да трае долго“, изјави Кем.
Една од причините за намалувањето на лекарствата е и обидот да се утврди дали е намален отокот во неговиот мозок и да се оцени кои од функциите се одржани.
Освен што се држи поd седативи, и температурата на телото на Шумахер се одржува меѓу 34 и 35 степени Целзиусови за да се намалат отоците во мозокот, да се намали потрошувачката на енергија и да се овозможи одмор.
45-годишниот Шумахер тешко се повреди на 29 декември минатата година додека скијал во француското одморалиште Мерибел. Досега двапати беше опериран во болницата во Гренобл, а во кома е повеќе од четири недели. Лекарите во повеќе наврати соопштуваат дека неговата состојба е стабилна.