1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добро избран миг за ескалација на ситуација на Косово

28 јули 2011

Германскиот печат се занимава со кризата околу граничните премини на Косово и со обидите на Германија да и’ помогне на Грција со еден вид „Маршалов план“ за поттикнување на стопанството.

https://p.dw.com/p/125Xi
Фотографија: picture-alliance/dpa

Весникот „Франкфуртер рундшау“ донесува коментар за косовската криза на добриот познавач на балканските прилики, Норберт Мапес-Нидек.

„Дека владата во Приштина полага право на северот од земјата што е под контрола на српското малцинство, тоа не е ништо ново. Но, зошто токму сега, во фазата на попуштање на тензиите, испраќа специјалци на граничните премини? Властите во Белград мислат дека ја знаат причина за таквиот потег. Имено, сега кога Србија по екстрадирањето на воениоте злосторници во Хаг стои пред портите на ЕУ, сега е погоден миг. На про-европскиот претседател Борис Тадиќ му е многу потребен позитивен сигнал од Европа ако сака да ги добие следните избори. Значи, оној кој сака да бара отстапки од Србија, тоа треба да го стори сега.

Никој не би требало да верува во тезите дека станува збор за спонатно радикализирање на косовските Албанци. Владата во Приштина ионака не презема ништо без во најмала мера да добие согласност од Вашингтон. А и на Лондон и Берлин им одговара наводната еднострана акција на Приштина. Така Хашим Тачи сега може да ја игра улогата на хардлајнер во однос на Белград за да изврши притисок за изнаоѓање решение за еден конфликт што би ја оптоварувал ЕУ. Тоа звучи итро. Но, играњето со оган во близина на буриња барут не е препорачливо!“ - читаме во „Франкфуртер рундшау“.

Весникот „Тагесшпигел“ се осврнува на вчерашната конференција на германските претпријатија за помош на грчкото стопанство, што во организација на германскиот министер за економија, Филип Реслер, се одржа во Берлин. Тој предложи создавање еден вид „Маршалов план“ за Грција, по углед на планот на САД за обнова на Германија по Втората светска војна.

„Зошто она што и’ помогна на разурнатата германска економија по војната да не и’ помогне сега на Грција во кризата? Одговорот гласи: затоа што двете земји имаат различни појдовни позиции! Германија, Франција и Велика Британија, како главни корисници на помошта од американскиот ’Маршалов план’ беа високо индустријализирани земји, кои имаа голем број одлично образувани работни кадри. Затоа американската помош донесе така добри резултати. Во Грција тоа го нема и на тој факт укажаа и претставниците на германските фирми на средбата со министерот за економија Филип Реслер. На Грција и’ е неопходна прво дебирократизација, како и подобрување на функционирањето на државната управа. А потоа и’ е неопходна добра обука за работната сила. Ова е барем толку неопходно, колку што и’ требаат и инвестиции. Бидејќи, Грција не располага со ниедна развиена индустриска гранка освен бродоградбата“, читаме во „Тагесшпигел“.

Поранешниот израелски амбасадор во Германија, Ави Примор, во онлајн изданието на „Франкфуртер рундшау“ посочува на длабоките реформи што Грција треба да ги преземе за да се избори за траен, а не само привремен излез од кризата и посочува при тоа на добрите искуства на соседна Турција:

„Во 2001 година дојде до заострување на турската економска криза. За да се извлече од тешката ситуација, турската влада самата си ја одзеде моќта и се реши да го постави за министер за економија Кемал Дервиш, тогашен заменик директор на Светската банка, по потекло од Турција. Дервиш за кусо време ги спроведе сите болни, но неопходни реформи што ги бараше ММФ, од кои локалните политичари се плашеа, бидејќи стравуваа за гласовите на избирачите. Веќе следната година турското стопанство тргна во неочекуван подем, којшто не можеше да го запре ни светската финансиска и економска криза од 2008 и 2009 година. Такво нешто и’ е потребно на Грција денес“, порачува поранешниот израелски амбасадор, Ави Примор.

Извор: „Франкфуртер рундшау“, „Тагесшпигел“

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски