1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ди цајт„:На Косово многу нешта на коцка

8 февруари 2007

Во денешното издание на неделникот „Ди цајт„ е објавена подолга анализа за Косово под наслов „Џуџеста држава со експлозивна сила„ во која авторот ги опсервира можните последици за Европската унија од реализацијата на планот на Марти Ахтисари. Во продолжение нелку делови од текстот:

https://p.dw.com/p/Ae4W

Ако се се одвива според планот, Советот за безбедност на пролет предлозите на Ахтисари ќе ги сумира во една резолуција според која Европската унија ќе може под својата закрила да прифати една мала државна творба со исклучително големи проблеми. За Европската унија тоа ќе биде премиера и во секој случај ризичен експеримент. Освен тоа, меѓународната заедница за првпат ќе го отсече територијалниот суверенитет на една своја членка, имено Србија, и ќе го подреди на правото на самопределување на еден народ. Последново, се разбира, ќе наиде на славје кај косовските Албанци, на аплауз кај нивниот најважен поддржувач САД, во Србија на огорчен протест, во Русија и Кина на засега тешко пресметливо незадоволство, а кај одделни земји челнки на Унијата, пред се во Грција и Шпанија, на нелагодност. Додуша САД постојано ја подвлекуваат единственоста на случајот Косово, меѓутоа без сомневање ваквиот преседан ќе им даде нови аргументи на другите малцинства со или без движења за ослободување: на Курдите, Тамилите, Абхазите, Баските...

Што се однесува до ставот на Москва, во Брисел и Берлин очигледно се смета на тоа Русија и покрај „словенското братство„ да не ја блокира резолуцијата во Обединетите нации за независност на Косово во Советот за безбедност. Но, ако оваа проценка се покаже погрешна, на Европската унија под германско претседателство и се заканува дебакл: без резолуција Обединетите нации не можат да излезат од Косово, ниту Европската унија да влезе во него. План „Бе„ Унијата очигледно нема. Статустот на републиката и натаму ќе виси во воздух. Веројани се тогаш бесни и милитантни демонстрации на косовските Албанци. САД ќе предводат со билатерално признавање, додека Европската унија ќе се подели на поддржувачи и скептици на независноста на Косово.

На крајот авторот на написот во неделникот „Ди цајт„ констатира: меѓународната заедница, ако се смета по глава на жител, во Косово инвестираше 25 пати повеќе пари и испрати 50 пати повеќе војници отколку во Авганистан. На тој начин не само што може да се измери колку повеќе пари и ангажман биле потребни во Авганистан, туку и колку нешта се на коцка на Косово.