Дипломатски триумф на сирискиот претседател Ел Асад
4 септември 2008Четворниот самит е од непроценлива вредност за меѓународно се’ уште изолираната Сирија. Турција ги овозможува индиректните контакти меѓу Сирија и Израел, Катар спречи граѓанска војна во Либан меѓу просириските и прозападните сили и посредуваше за приближување меѓу Сирија и Либан, а Саркози е прв државник од Запад кој доаѓа во Дамаск по повеќе години и има намера да ја врати Сирија во меѓународната заедница. Тој оцени дека Сирија игра позитивна улога во регионот. Веќе се зборува и за тоа дека е можно подобрување на односите и со Вашингтон, но откако Америка ќе добие нов претседател, посебно ако тој се вика Обама.
Сиријците знаат дека мир со нив е клуч за подобри односи на Израел и со другите во арапскиот свет. Предуслов е Израел да им ја врати окупираната и анектирана Голанска висорамнина.
„Нормални односи за нас значи врски како и меѓу другите држави – со амбасади, контакти, договори. За тоа треба да решат двете земји“ – вели сирискиот претседател Асад.
Но, јазот меѓу обичните луѓе нема толку бргу да биде надминат, силна е омразата, длабока недовербата. „Мир? Не можам да си замислам израелско знаме да се вее во мојата земја – никогаш, никогаш, никогаш“, категоричен е еден дуќанџија во Дамаск.