1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДИК ќе им ги испрати уверенијата на пратениците од СДСМ по пошта

БГ/макфакс7 мај 2014

ДИК ќе го информира Собранието дека мандатите се врачени, по што до крајот на неделата треба да биде закажана и конститутивна седница на новиот парламентарен состав.

https://p.dw.com/p/1Bv6U
Фотографија: DW/F. Musliu

Државната изборна комисија, откако денеска кандидатите за пратеници од СДСМ и коалицијата кои добија мандат од граѓаните за пратеничко место во Собранието не се појавија во ДИК да ги подигнат своите уверенија, реши истите да им ги испрати на домашна адреса по пошта. Ова во средата го изјави заменик – претседателот на ДИК, Субхи Јакупи (на фотографијата) на свеченото доделување на мандатите за пратеници во Државната изборна комисија.

СДСМ и здружената опозиција беше прва на распоредот од партиите кои требаа да подигнат уверенија, односно кандидатите кои добија поддршка за мандат во Собранието од нивните редови до 11 часот требаше да се појават во ДИК.

Претходно кандидатите за пратеници на Социјалдемократскиот сојуз потпишаа изјави на нотар со кои се изјаснија дека не ги прифаќаат мандатите, оти партијата не го признава ниту изборниот процес, ниту изборните резултати, бидејќи, според нив изборната трка се одвивала во крајно недемократска и нефер атмосфера.

Сепак, како што истакнаа од ДИК, во изминатиот период до нив не стигнало никакво барање за враќање на мандатите.

Во Државната изборна комисија не беа присутни ниту претседателот Никола Рилковски, ниту нивниот претставник во Комисијата, Виолета Дума. Рилкоски и Дума телефонски известиле дека нема да присуствуваат на доделувањето на уверенијата, а минатата недела не се појавија ниту на доделувањето на уверението за избран шеф на државата за Ѓорге Иванов.

Во наредниот период ДИК ќе го информира Собранието дека мандатите се врачени, по што до крајот на неделата треба да биде закажана и конститутивна седница на новиот парламентарен состав.