1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Децентрализацијата – важна задача за исполнување на стандардите на Косово

16 август 2005

Наредните недели се од исклучително значење за иднината на Косово, изјави шефот на УНМИК, Сорен Јесен Петерсен. Според него, решавањето на статусот на Косово ќе помогне за враќање на раселените и за подобрување на слободата на движење.

https://p.dw.com/p/AckR
Сорен Јесен Петерсен
Сорен Јесен ПетерсенФотографија: AP

За да почне решавање на статусот се важни исполнетите стандарди, од кои сигурно во првите редови, за УНМИК е децентрализацијата. Шефот на цивилната администрација, Сорен Јесен Петерсен, оцени дека ако Белград и косовските Срби и натаму не учествуваат во процесот на децентрализација на локалната управа на Косово, за неуспехот на тој процес нема да бидат одговорни косовските институции.

“Ако малиот напредок биде последица на неучеството на Србите од Косово, тоа нема да се смета на штета на косовските институции и нема да влијае негативно на оценката за напредокот“, рече Петерсен.

Оценка за напредокот, во својот извештај, треба да даде специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН, Каи Ејде, кој од вчера е во покраината. Тој рече дека новиот план на косовската влада за децентрализација е заначќен чекор и дека затоа ќе се разговара со сите страни.

Косовската влада ја очекува одлуката на косовските Срби за да почне реализација на пилот проекти во населбите со српско мнозинство, најави косовскиот министер за локална самоуправа, Љутфи Хазири. Тој нагласи дека ќе се залага за тоа косовските Срби да се вклучат во процесот на децентрализација иако тие сеуште немаат официјален став по тоа прашање и додаде дека очекува предлози од нивна страна. “Сега е најважно да се именуваат општински одборници, пред се во пилот општините“, истакна Хазири, додавајќи:

“За тоа е прво потребна јасна одлука на локалните претставници на Србите. Ставот на нивните претпоставени е јасен. Јас сепак сум подготвен на соработка и со задоволство ќе ги чујам и предлозите на српската заедница. Тие можат да изнесуваат предлози, но конечната одлука ја носат одборниците од верифицираните листи.“

Хазири вели дека нема да дозволи децентрализацијата да остане заложник на косовските Срби поради нивното неучество. “Ќе продолжиме да работиме со оние единици кои се кооперативни. Ќе работиме со луѓето кои се подготвени, расположени и кооперативни“, вели косовскиот министер за локална самоуправа.