Детална истрага по нападот во Хамбург
29 јули 2017По нападот со нож во супермакерт во хамбуршката населба Бармбек полицијата и понатаму врши истрага во сите насоки. Во нападот почина едно лице, додека шест се повредени, од кои неколку потешко.
Лицето осомничено за нападот е 26-годишник роден во Обединетите Арапски Емирати. Мотивите за нападот уште не се познати. Полицијата се обидува да ја истражи заднината на нападот. Полицијата синоќа во населбата Лангенхорн претресе еден бегалски центар во кој живеело осомниченото лице. Полицијата не соопшти дали пронашла какви било докази кои можат да се доведат во врска со осомниченото лице.
Градоначалникот на Хамбург, Олаф Шолц, вчера се обрати на јавноста и рече дека е потресен од нападот: „Кога станува збор за напаѓачот очигледно се работи за лице кое побарало заштита кај нас во Германија и кое подоцна против нас ја искажало својата омраза“.
„Очигледно се работи за странец кој не можел да биде принудно вратен бидејќи немал лични документи. Тоа ни покажува оти треба што може поскоро да ги отстраниме правните и практичните пречки за принудно враќање.“ Шолц, истотака, рече дека полицијата детално ќе го истражи случајот и ќе се обиде да дознае дали други лица биле вклучени во ова казнено дело.
Специјална комисија и помош од граѓаните
Напаѓачот вчера попладне влегол во еден супермаркет во населбата Бармбек и неселективно почнал да ги напаѓа луѓето. По нападот побегнал од продавницата. Очевидци го следеле и повикале полиција. Кратко потоа недалеку од местото на нападот полицијата го уапсила напаѓачот.
Напаѓачот, според наводите на полицијата, е роден во Обединетите Арапски Емирати. Меѓутоа, уште не е утврдено какво државјанство поседува. Според наводите на стручњакот за тероризам, Михаел Шемфи, постои салафистичка врска со напаѓачот. Колку тоа има врска со нападот, не е познато. Весникот „Тагесшпигел“, повикувајќи се на извори блиски до силите не безбедност, известува дека осомниченото лице на германската полиција ѝ е познато како исламист.
Полицијата формираше специјална комисија во која членовите на комисијата за истражување на убиства и државна безбедност покрај останатото е задолжена и за деликти кои се политички мотивирани.
Портпаролот на полицијата во Хамбург, Тимо Зил, вели оти сѐ уште не може да се зборува за мотивите на нападот ниту може со сигурност да се потврди дека напаѓачот за време на нападот викнал „Алаху акбар“. Полицијата, истотака, соопшти оти загинатото лице е 50 годишен маж. Повредените лица се на старосна возраст меѓу 19 и 57 години. Полицијата соопшти и дека еден 35-годишник е повреден за време на совладување на напаѓачот. Полицијата ги повика граѓаните да и’ помогнат во расветлување на случајот.