1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски во Вашингтон си ја „спасуваше кожата“

Б. Георгиевски/стандард/зц12 јануари 2016

Австрискиот Дер Стандард во анализата посветена на состојбата во Македонија тврди дека премиерот Груевски во Вашингтон заминал во обид да „си ја спаси кожата“. Грчката политика како семеен бизнис

https://p.dw.com/p/1Hbq8
Фотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev

„Никола Груевски е веројатно првиот премиер во светот кој ја потпиша сопствената абдикација“, пишува во денешното издание виенскиот Дер Стандард, коментирајќи ја најавената оставка на македонскиот премиер на 15 јануари. „Оставката е симболичен акт- на тој начин треба да биде ставен крај на 'културата' на 'системот Груевски“, пишува весникот во текстот под наслов „Оставката на Груевски треба да донесе нов почеток за Македонија“.

„Оставката е дел од Договорот постигнат изминатите месеци со посредство на ЕУ медијаторот Јоханес Хан со учество на опозициските социјалдемократи. Покрај ЕУ, голема улога играа и САД. Во понеделникот Груевски одлета во Вашингтон на средба со потпретседателот Џо Бајден. САД имаат голема улога во спречување на зголемувањето на влијанието на Русија на Балканот. Самиот Груевски пак, се обидува да си ја спаси кожата“, пишува Дер Стандард.

„(...)Останува отворено дали партијата на Груевски, националконзервативната ВМРО-ДПМНЕ, нема повторно да победи на изборите. Партијата смета на тоа- и тоа може да му овозможи на Груевски да се врати. Шансите не се лоши затоа што во земјите на Југоисточна Европа многу луѓе гласаат на избори, затоа што потоа можат да добијат вработување или стан од партијата. Затоа на Европската Комисија и е важно, Македонците овојпат пред изборите да знаат дека тие ќе бидат фер и дека се работи за иднината на земјата, а не за клиентелизам. Но до 24 април мора уште многу да се стори- меѓудругото да се актуелизираат гласачките списоци кои содржат и имиња на починати лица. Некои во Скопје се сомневаат дека тоа може да се стори до април. Оттука можно е изборите и да се одложат. За Груевски е подобро доколку остане планираниот термин. Колку подолго се одложува, толку повеќе работи ќе излегуваат на виделина преку правосудството. На Европската Комисија во прва линија и се поважни суштинските чекори отколку датумот, иако тој останува цел“, пишува австрискиот весник Дер Стандард.

Политиката како фамилијарен бизнис

Печатените медиуми на германски јазик денеска големо внимание посветуваат и на изборот на Кирјакос Мицотакис на чело на грчката опозициска конзервативна партија Неа Демократија. Според Зидојче цајтунг неговиот избор покажал дека грчката политика и натаму е обременета со семејни односи кои го карактеризираат системот со децении.

„Политиката останува семеен бизнис кај грчките конзервативци. Таткото на Мицотакис, Константин беше премиер од 1990 до 1993 година, а ја предводеше и НД. Неговата сестра Дора Бакојани беше градоначалник на Атина и министер за надворешни работи. Доколку ова либерално крило ја нема контролата- тогаш работите во свои раце ги презема моќниот клан Караманлис.

Политичките династии владеат со земјата. Истото се случува и кај левицата. Таму владее семејството Папандреу. Токму ваквите околности ја однесоа Грција во криза која, како што се покажа, не е само економска, туку и криза на политичкиот систем“.

„(...) Онака како што Ципрас во изминатиот период ја одведе својата левичарска коалиција кон центарот, така и Мицотакис сега е пред задачата, одново да ја дефинира НД. Кај неговите противници тој важи за неолиберал, затоа што во периодот додека беше министер во претходната конзервативна влада, преку ноќ отпушти од работа илјадници службеници и ги намали платите. Изборната брошура на Мицотакис беше преполна со ветувања: обнова на партијата, обнова на земјата, мериторност во општеството, враќање на довербата. Програмата сепак ја потпиша само со своето име, Кирјакос. Низ целата кампања брендот Мицотакис остана во позадина“, пишува Зидојче Цајтунг.