1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денот кога гореше Белград

6 април 2011

На 6 април 1941 година започна нацистичкото бомбардирање на Белград. Оттогаш минаа точно 70 години, време кое протече во знак на, честопати, компликувани односи меѓу Германија и Србија.

https://p.dw.com/p/10oEQ
Тони бомби се истурија над Белград во неколку денаФотографија: picture-alliance/Kurt Zarski

Милан Крањчец таа недела, 6 април 1941 година, имал 12 години: „На белградското небо се појави јато авиони и во прв момент помисливме дека станува збор за некоја воена вежба. Меѓутоа, кога почнаа да паѓаат бомби знаевме дека војната почна“, се присетува Крањчец:

„Јас живеев во Дорчол. Тоа, ајде да кажеме беше маало, во кое живееја многу Евреи, така што Германците многу го бомбардираа овој крај. Ние бевме принудени да избегаме.“

Крањчец и неговото семејство повторно се вратиле во Белград на 12 април. Притоа ја затекнуваат сопствената куќа целосно уништена. Оттогаш натаму започнува талкањето низ Белград и животот под окупација:

„Нам се’ ни изгоре на 6 април. Татко ми имаше работилница бидејќи беше механичар. Откако се’ ни изгоре, едно време живеевме кај вујкото во Земун, а потоа повторно се вративме во Белград, најдовме некој стан и тука ја преживеавме окупацијата“, вели Крањчец.

Разбивање на Југославија

Бомбардирањето на Белград на 6 април 1941 не може да се посматра надвор од контекстот на 27 март истата година, вели историчарот Љубодраг Димиќ. Во суштина, превратот на 27 март, кога народот на улица го отфрли пактот меѓу Кралството Југославија и Третиот Рајх, ја одреди судбината на југословенската држава. Молскавичната априлска војна на некој начин беше водена против Србите како јадро на таа држава, вели Димиќ:

„Клучна последица на тој воен пораз беше разбивањето на државата, која меѓу другото, Адолф Хитлер ја сметаше за вештачка творба. Како последица на тој пораз, 370 илјади војници беа однесени во германско, а 30 илјади во италијанско заробеништво и тоа исто така е една од важните работи што треба да се спомене за априлската војна.“

Deutschland Geschichte Sonderzug für Gastarbeiter aus Jugoslawien Flash-Galerie
Возови со југословенски гастарбајтери во ФранфуртФотографија: picture-alliance/dpa

За помалку конфликтна иднина

Дваесет години подоцна, поточно во шеесетите години на минатиот век, започнуваат и големите гастарбајтерски бранови кон Германија и Љубодраг Димиќ смета дека на тоа може да се гледа како на основа за градење на некои нови односи меѓу Србија и Германија.

Седумте децении по бомбардирањето на Белград минаа во знак на често компликувани односи меѓу Србија и Германија, оценува Димиќ, но исто така мора да се каже дека српската дијаспора стана една од најголемите во Германија, а Германија еден од главните економски партнери на Србија. Димиќ смета дека двете општества мора да учат од искуствата стекнати во минатото за да не се повторат истите грешки.

„Според тоа, ми се чини дека наша и обврска на колегите од Германија е темелно да го проучиме тоа 70-годишно искуство и од него да извлечеме поуки на чија основа ќе ја градиме иднината која би била помалку конфликтна и трауматична“, вели Димиќ.

Автор: Ивица Петровиќ/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска