„Денес никој нема храброст како Тахар Хадад“
13 ноември 2010За разлика од другите арапски земји, семејното право во Тунис е полиберално. Жените не смеат да бидат принудени на брак, имаат право на развод исто како мажите, а полигамијата е сосема забранета. Малкумина знаат дека ваквите закони за жените се заслуга на тунискиот експерт за религија и право, новинарот и политичар Тахар Хадад.
Поборник за правата на туниските жени
Туниската историчарка Манубија Бен Гедахем за најзначајниот туниски реформатор вели:
„Тој не се залагал за европеизација на општеството. Се‘ е во рамките на заповедите од Коранот. На пример, жената мора да ја подготват да биде добра мајка. Според Хадад, суштината на исламот не се состои во пет молитви дневно, или шамија на главата, туку во образованието.“
Тахар Хадад е роден во 1899 година, во Тунис. Завршува училиште за Коранот кое трае шест години, а потоа девет години студира исламско право на Теолошкиот факултет Цитуна. По завршените студии, Хадад добива лиценца за нотар, но повеќе го интересира политиката.
Укинување на полигамијата и бурката
Хадад се залага за правата на туниските жени. Во 1930 година е објавена неговата книга „Нашите жени во шаријата и во општеството“. Неговите барања биле револуционерни за тоа време, рамноправни шанси за образование и право на развод за машките и женските, укинување на полигамијата и бурката. Иман Хаџи, експертката за ислам и авторка на првата обемна публикација за животот и делото на Тахар Хадад, на германски јазик вели:
„Тој беше против прекривање на целото тело кај жените, типично за тоа време. Тахар се залагаше за укинување на бурката, оти така мажот не може претходно да ја види жената и затоа има несреќни бракови. Според него, во Коранот не се пропишува прекривање на целото тело со бурка.“
Најмодерното арапско семејно право
Но, неговите ставови наидоа на отпор кај конзервативното туниско општество, вели Хаџи. Историчарите денес сметаат дека влијателните сили во Тунис го поттикнувале скандалот околу неговата книга, за да го одвлечат вниманието од своите грешки.
Хадад поради тоа страдал од депресија и проблеми со срцето. Умрел на 36 години, во 1935 година. Но, две децении по неговата смрт, првиот претседател на независен Тунис, Хабиб Боргиба ги употребил тезите на Хадад, како основа за најмодерното арапско семејно право на сите времиња.
Манубија Бен Гедахем смета дека идеите на Тахар Хадад се актуелни и 80 години по објавувањето на неговата книга:
„Сметам дека денес никој нема храброст да напише нешто такво, како Тахар Хадад на почетокот од 30-те години. Неговата рефлексија е многу поконкретна и поостра отколку во денешните критики. Тој рече дека треба да се применува принципот од Коранот за индивидуална интерпретација на текстот. Но, дали некој денес се осмелува на тоа?“
Автор: Мартина Сабра / Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска