1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денеска избор на претседател и на влада на Косово

22 февруари 2011

Претседателството на Собранието на Косово денеска одлучува за барањето на владејачката коалиција за одржување на вонредна седница на новоконституираниот парламент на која би требало да се изберат претседател на државата

https://p.dw.com/p/10LhA
Собранието на КосовоФотографија: picture-alliance/dpa

Новоформираната владејачка коалиција на Косово до Собранието вчера достави барање вонредната седница да се одржи денеска во 15 часот.

Демократската партија на Косово, чиј лидер е Хашим Тачи во саботата потпиша договори со партиите, кои ќе и бидат коалициски партнери во идната влада.

Пацоли-кандидат за претседател

Меѓу нив е и Алијансата ново Косово предводена од Беџет Пацоли, кого владејачката коалиција го предложи за претседател на државата.

Коалицискиот договор предвидува и учество на српската Самостојна либерална партија во владата, која ќе добие три министерски места, додека нејзиниот лидер Слободан Петровиќ ќе биде заменик премиер. Новата косовска влада треба да ја предводи досегашниот премиер Хашим Тачи.

Hashim Thaci
Хашим ТачиФотографија: picture alliance / dpa

Според косовскиот устав, претседателот на Косово се избира со тајно гласање, а за да биде избран во првите два круга, потребно е да обезбеди две третини од гласовите од вкупниот број пратеници. Во третото гласање за избор се потребни 50 насто од гласовите на вкупниот број пратеници плус еден односно 61 пратеник.

Реизбор на Јакуп Красниќи за претседател на парламентот

И владата на Косово се избира со тајно гласање, а за нејзин избор е потребно т.н просто мнозинство односно гласот на 61 пратеник во парламентот.

Инаку вчера косовското собрание избра претседател и потпретседател на парламентот и ги верификуваше мандатите на пратениците. За функцијата парламентарен спикер повторно беше избран досегашниот претседател на Собранието Јакуп Красниќи.

Автор:СН/АТ/бета/миа

Редактор: Борис Георгиевски