Делумно се урна повеќекатница во близина на Мајами Бич
24 јуни 2021Во Мајами Бич во американската сојузна држава Флорида, делумно се сруши зграда од 12 ката, а на местото на несреќата се наоѓаат 80 пожарникарни единици, соопшти на Твитер пожарникарната служба во Мајами. Според последните информации, во болница се превезени најмалку 8 лица, а едно лице е во критична состојба.
Зградата се урнала околу два часот по полноќ по локално време. Сѐ уште не е познато колку луѓе се наоѓале во зградата во моментот кога се случила несреќата, но се стравува дека бројот на жртви би можел да биде голем. Во тек се спасувачки операции, а локалните медиуми јавуваат оти се слушаат гласови за помош под урнатините.
На снимките од местото на несерќата се гледа улица полна со делови и остатоци од делумно срушената зграда. Како што пренесува РТ, новинарот Џоло Франко, кој се наоѓа пред зградата, на Твитер напиша дека полицијата спасува луѓе, додека еден сведок изјавил дека ги спасуваат и од балконите. Друг сведок навел оти никогаш не видел ништо полошо во животот.
Според првичните информации ова зграда е изградена во 1981 година и има 30 стана. Се наоѓа во близина на плажата и се нарекува Чемплејн Тауерс. Не е позната причината поради која дошло до рушење на зградата.
Мајами Бич со своето прочуено шеталиште „Оушн драјв“, како и белите песочни плажи и палмите е многу популарно туристичко одредиште.