1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дебата за Косово во Советот за безбедност на ОН: мартовските безредија - организирана кампања на екстремни косовски Албанци

14 април 2004

Членовите на Советот за безбедност на ОН согласни дека на Косово не може да се продолжи како ништо да не се случило, но не и во тоа што треба да се прави во иднина. Дебатата во целост беше посветена на последиците од мартовското насилство и на можните наредни чекори на меѓународната заедница.

https://p.dw.com/p/AdFJ
Од мартовските безредија на Косово: сцена од Приштина
Од мартовските безредија на Косово: сцена од ПриштинаФотографија: AP

Жан-Мари Гиено, заменик генерален секретар на ОН задолжен за мировни операции, во отвореното излагање предупреди: “Општата состојба моментно е мирна, но затегната. Се’ уште постои можност од ново насилство, а спорадични напади и натаму се случуваат”. Тој оцени дека “насилството предизвика целосен пресврт” во процесот на враќањето на раселените Срби, во кој претходно беа забележани “ограничени, но охрабрувачки знаци на напредок”. Нападите против српската и другите малцински заедници, според него, биле дел од “целна, организирана и општа кампања” што ја воделе “екстремни косовски Албанци”. На властите во Приштина тој им забележа дека “главно пропуштиле директно да ги осудат нападите” и ги повика “да преземат дисциплински санкции против официјални лица” кои евентуално биле вмешани во насилството. Гиено ја поздрави “конструктивната улога” на властите во Белград, чија цел била “да се спречи секаква екстремистичка реакција” на настаните на Косово, пренесува агенцијата Бета од Њујорк. “Посебно сме задоволни што Белград изрази жалење поради палењето џамии и се ангажира да ги обнови”, рече заменик генералниот секретар на ОН пред членовите на Советот за безбедност.

Претставник на белградските власти ја пренесе оценката дека Кфор и УНМИК не ги исполниле задачите за време на мартовското насилство и поради тоа се заложи за територијална автономија на косовските Срби како единствен начин да се заштитат нивните права. “Територијалната автономија е одамна воспоставена како механизам за заштита на правата на етничките, културните и јазичките заедници во Европа” – укажа Роксанда Нинчиќ, вршител на работите во постојаната мисија на Србија и Црна Гора во ОН. Тој предлог “ни на кој начин не го покренува ниту прејудицира идниот статус на Косово”, за разлика од “насилството и постојаните повици за независност што ги упатуваат лидерите на косовските Албанци, со кои се настојува однапред да се одреди конечниот статус” на покраината, рече Нинчиќ.

Околу предлогот за децентрализација во моментов во Советот за безбедност нема конзензус. Русија најдиректно го поддржува, а некои членови на Советот зборуваа за “јакнење на локалната самоуправа за припадниците на етничките малцинства”.

Србите и другите неалбански заедници од 1999-та година наваму се изложени на секојдневни напади и застрашувања од албанските екстремисти, па во такви околности, според Нинчиќ, е тешко замисливо спроведувањето на документите “Стандарди за Косово” и “План за имплементација на стандардите”, зашто во нив “нема доволно гаранции за опстанок на српското население во покраината, уште помалку за враќање на раселените”. “Неуспехот во воспоставувањето такви гаранции ќе означи крај на можностите да се создаде мултиетничко Косово, и тоа во присуство на меѓународната заедница, која ќе сноси дел од одоговрноста за таквиот исход” – предупреди Нинчиќ.

На Косово во меѓувреме Кфор и полицијата на УНМИК поведоа истрага во врска со информацијата дека три маскирани лица на подрачјето на општина Глоговац јавно истапувале како припадници на АНА (Албанска национална армија), која пред една година УНМИК ја прогласи за терористичка. Таа формација нема да ја загрози безбедносната ситуација на Косово, оцени американскиот адмирал Грегори Џонсон, командант на силите на НАТО во јужна Европа. “За тоа разговарав со Реџепи и мислам дека во таа насока би требало да бидат преземени потребните чекори” – изјави Џонсон по средбата со косовскиот премиер вчера во Приштина. Бајрам Реџепи извести дека во разговорот станало збор за напорите што ги вложува косовската влада во обновата на објектите разорени во текот на мартовските безредија. Адмиралот Џонсон притоа и’ дал гаранции на косовската влада дека НАТО ќе стори се’ што е во негова моќ за да ги поддржи косовските власти и УНМИК во пронаоѓањето на учесниците во насилствата и нивно изнесување пред лицето на правдата.