1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дебалцеве како прв тест за Минск 2

Роман Гончаренко/бг13 февруари 2015

И по новиот договор од Минск продолжија борбите за источно-украинското градче Дебалцеве. Неколку илјади украински војници таму и натаму се опколени

https://p.dw.com/p/1EbLx
Фотографија: Reuters/Garanich

„Сега доаѓа она за кое Русите сакаа да преговараат“, порача преку својот Твитер профил еден украински дипломат од Минск, во четвртокот рано утрината. Без Дебалцеве, самопрогласените Републики Доњецк и Луганск остануваат зависни од Киев во однос на сообраќајот. Тоа е и една од причините зошто преговорите во Минск траеја толку долго. Но детали, дипломатот не изнесе.
Дебалцеве, град со 25 илјади жители во источна Украина, сега ќе биде првиот тест за најавеното примирје меѓу украинските сили и проруските сепаратисти. Набљудувачите прогнозираат дека борбите во Дебалцеве ќе продолжат, бидејќи примирјето стапува во сила дури од недела. Во часовите по договорот од Минск, владата во Киев соопшти дека борбите за градот и натаму продолжуваат. Дебалцеве се наоѓа длабоко во источноукраинската провинција, на само 70 километри северо-источно од градот Доњецк. За разлика од Доњецк кој е под контрола на сепаратистите, Дебалцеве е се уште во рацете на украинската армија. Обидите да се освои градот траат со месеци. Градот е важен транспортен јазол, низ него минуваат железнички пруги кои ги поврзуваат сепаратистичките упоришта Доњецк и Луганск.

Од крајот на јануари годинава, сепаратистите тврдат дека во градот држат опколени околу 8.000 украински војници. Тоа во Минск го потврди и рускиот претседател Владимир Путин. Притоа тој дополни дека сепаратистите сега очекуваат од украинските борци да го положат оружјето. Киев призна дека сепаратистите во меѓувреме успеале да отсечат еден важен патен правец, но украинските војници и натаму се снабдуваат преку локални патчиња. Во Договорот од Минск, Дебалцеве не се споменува. Само се наведува дека сепаратистите и украинските трупи треба да го отстранат тешкото оружје. Треба да се создаде 50 километри широка безбедносна зона. Каде ќе оди линијата на раздвојување, не е јасно.

Ukrainekonflikt Zerstörung
Фотографија: DW/F. Warwick

Населението во очајна состојба

Притоа, не се работи само за опколените украински војници, туку и за жителите на Дебалцеве кои со недели немаат струја, вода и храна. „Јас и мојата внука живеевме две недели во еден подрум, валкан и влажен“, раскажува Јевгенија која успеала да побегне од градот на почетокот на февруари. „Таму се останати многу деца, и бебиња“, вели таа.
Олександер Хорбатко, раководител на невладината организација „Донбас СОС“ потврдува дека состојбата во градот е катастрофална. Состојбата е подраматична од она што го признаваат украинските власти, вели тој. „Само дел од граѓаните добиваат хуманитарна помош, храната и водата се делат само во центарот на градот“.
На почетокот на февруари, украинската влада и сепаратистите договорија отворање на хуманитарен коридор за евакуација на цивилите со автобуси во други делови на земјата. Но, малкумина успеаја да ја искористат можноста. Колку цивили останале во градот, не е познато. Амнести интернешнл во четвртокот (12.02) апелираше да му се овозможи на цивилното население да го напушти градот. Сличен апел испрати и ОБСЕ.