1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДВ истражување: Германско оружје за војната во Јемен

Наоми Конрад
27 февруари 2019

Германија е горда на својата извозна политика која забранува продажба на оружје на земји во војна. Но ексклузивно истражување на ДВ открива дека саудиската коалиција во Јемен користи германско оружје и технологија.

https://p.dw.com/p/3EAY4
DW Exclusive Deutsche Waffen in Jemen SPERRFRIST 26.02.2019 20 Uhr VAE Soldaten Rückkehr
Фотографија: picture-alliance/dpa/EPA/ENA

Германското оружје и технологија играат далеку поголема улога во војната во Јемен одошто досега беше познато. Според откритијата на истражувачкиот проект #GermanArms (#ГерманскоОружје), армиите на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Саудиска Арабија користат германско оружје и технологија во Јемен за поморски, копнени и воздушни операции.

#GermanArms е заеднички проект на Дојче Веле и на неговите германски партнери Бајерише Рундфунк и магазинот Штерн, како и на холандската независна медиумска организација Лајтхаус Рипортс и на истражувачката мрежа Белингкет.

Претставници на германската влада во повеќе наврати негираат дека знаат за користењето на германско оружје во Јемен.

Истражувачкиот тим анализираше видео материјали и сателитски снимки и успеа преку геолокатори да идентификува повеќе системи за оружје во Јемен произведени во Германија, со што го докажа нивното присуство на терен.

#GermanArms ја утврди прецизната локација на неколку воени возила на ОАЕ во Аден и во близина на Ал Кавка (обете во Јемен). Возилата беа опремени со мобилни системи Февас, произведени од германската компанија Дајнамит Нобел Дифенс (ДНД). Во видео од октомври 2018, нашиот тим идентификуваше и француски тенк Леклерк опремен со дополнителна заштита од типот Клара, која исто така ја произведува ДНД.

Дополнително, #GermanArms лоцираше воени бродови произведени во Германија во пристаништата Мока во Јемен и Асаб во Еритреја, кои се оперативни бази за поморската блокада на Јемен.

Истражувачкиот тим откри нови докази кои ја потврдуваат претпоставката дека саудиските воздушни сили користат воени авиони од типот Јурофајтер и Торнадо, како и Ербас 330 МРТТ за полнење гориво. Сите овие летала имаат основни компоненти кои доаѓаат од Германија.

DW Exclusive Deutsche Waffen in Jemen SPERRFRIST 26.02.2019 20 Uhr Oshkosh-Kampffahrzeuge mit Fewas-Waffenstation
Оклопни транспортери со монтирани германски мобилни системи во ЈеменФотографија: EPA-EFE/REX/Shutterstock/N. Almahboobi

Германската влада одби да ги коментира конкретните прашања во однос на користењето на оружјето и технологијата. Производителите на оружје за истрагата #GermanArms изјавија дека ги следеле сите германски правила и упатства.

Германија се гордее со својата рестриктивна контрола на извозот на оружје. Купувачите мора да потпишат договор во кој се обврзуваат дека нема да го продаваат или пренесуваат оружјето до некоја друга група или земја.

Дополнително, владејачката коалиција на канцеларката Ангела Меркел потпиша коалициски договор во 2018 година со кој експлицитно се забранува продажба на оружје на земји кои се директно инволвирани во војната во Јемен.

Саудиска Арабија и ОАЕ се сметаат за стратешки партнери, а германското МНР во изјава за истражувачкиот тим порачува дека ОАЕ игра важна улога во напорите да се обезбеди стабилност на Арапскиот Полуостров.

Целото истражување на англиски јазик можете да го прочитате на следниот линк. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи