Двоен терористички напад во Дагестан
31 март 2010Најмалку 12 луѓе загинаа во двојниот самоубиствен бомбашки напад кој утринава се случи во градот Кизлар во руската провинција Дагестан. Локалните власти соопштија дека уште најмалку 23 луѓе се повредени во нападите, за кои рускиот премиер Владимир Путин експресно оцени дека најверојатно се поврзани со оние врз московското метро во понеделникот.
Деветмина полицајци, меѓу нив и шефот на локалната станица загинаа во нападите.
Првиот бомбаш го активирал експлозивот кој се наоѓал во неговото возило. Подоцна, откако полицијата дошла на увид, вториот бомбаш кој носел лажна полициска униформа се разнел меѓу присутните.
„Не ја исклучувам можноста дека истата банда како и во Москва е одговорна и за овие напади“, изјави Путин по итната владина седница.
Тој и претходно најави беспоштедна битка против терористите, споредувајќи ги со стаорци.
„Знаеме дека се таму долу, но сега е прашање на честа на безбедносните служби да ги извлечат од канализацијата и да ги уништат“, изјави рускиот премиер.
Среќна околност е што во основното училиште во непосредна близина на местото на експлозиите се уште не била почната наставата. Рускиот министер за внатрешни работи Рашид Нургалиев испрати предупредувачка порака до граѓаните.
„Денешните терористички напади покажаа дека терористите не ги бираат целите на нивните напади. Бидете подготвени!“
Критики од рускиот печат за Кремљ
Рускиот печат тврди дека терористичките групи од Северен Кавказ регрутирале најмалку 30 потенцијални бомбаши самоубијци, од кои 9 веќе ги извршиле своите задачи. Минатиот месец лидерот на чеченските бунтовници Доку Умаров најави „света војна“ против Русија, заканувајќи се дека овојпат акциите ќе бидат изведени во срцето на Русија, а не во провинциите како во минатото.
Претседателот на Безбедносниот комитет на државната Дума Владимир Васиљев изјави дека нападот во московското метро, претставува одговор на руската антитерористичка акција во Северен Кавказ.
На удар на медиумите се најде и водечкиот руски политички двоец Медведев-Путин. Весникот „Московски Комсомолец“ денеска коментира дека наводната беспоштедна битка против терористите во Кавказјето која ја најавуваат претседателот и премиерот им се удира од глава на обичните Руси“.
Автор: БГ/СН/дв/афп
Редактор: Жана Ацеска