1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Две третини од младите сакаат карта во еден правец

ДТЗ
18 април 2022

Македонското население старее. Ако во 2002 година младите сочинувале 23,8 отсто од вкупното население, сега има 17,8 отсто млади од вкупниот број на граѓани.

https://p.dw.com/p/4A4a2
Symbolbild Familie Koffer Reise Auswanderer Immigranten
Фотографија: Fotolia/Peter Atkins

Македонското население старее, а процентот на младите луѓекои својата иднина ја гледаат надвор од државата се повеќе се зголемува. Истражувањата покажуваат дека две третини одмладите сакаат да се иселатод државата и доколку им се пружи прилика би го сториле тоа. Ако во 2002 година младите сочинувале 23,8 отсто од вкупното население, сега има 17,8 отсто млади од вкупниот број на граѓани. „Односно, 150.000 млади помалку имаме во 2022 година, што укажува на сериозна демографска промена“, вели истражувачот од Реактор, Блажен Малески. 

Податоците покажуваат дека 10.5 отсто од младите (15-29 години) заминале од државата и не се резидентно население. Вкупно 53.900 млади не се повеќе во земјата. „Оние што биле млади во 2002 година, денеска би имале 35 до 49 години, а од нив 100.000 си заминале. Односно 20,8 отсто од оние кои биле млади во 2002 година заминале и не се во државата“, вели Малески. Ваквите ставови тој ги изнесе на јавната дебата „Демографски трендови на младата популација“ што се одржа во Собранието, во организација на Клубот за младински прашања и политики на Собранието, во соработка со граѓанските организации Реактор и МОФ.

Последиците од иселувањето

Дебатата ја потикнаа неодамнешните резултати од пописот во Северна Македонија, на кој по 20 години се доби попрецизна слика за опустошувањето на селата, за внатрешната миграција, која што го полни Скопје, а ја празни внатрешноста на земјата, како и за големиот одлив на млада работоспособна сила. Младинските организации со години спроведуваат истражувања и апелираат дека младите сакаат да се иселат од државата, а пописот само ги потврди претпоставките за последиците од големиот „бреиндреин“, кој со децении го празни Баланот.

По две децении од одржувањето на последниот попис во 2002 година,бројот на жители во земјата е намален за 185.834 лица или за 9,2 проценти. Тоа значи дека е загубено население колку две или три поголеми општини во земјата. Над 60 општини во земјата имаат изгубено голем процент од своето население, дел со внатрешни, а дел и со надворешни миграции. Најдраматична е ситуацијата во Центар Жупа, Маврово и Ростуша и Ново Село кои изгубиле од 39 до 42 проценти од последниот попис од пред 20 години. Просечната возраст на населението изнесува 40.08 години. Според возрасната структура, најголем процент од населението 7 отсто – се во возрасната група од 40-44 години.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, неодамна соопшти дека вкупното резидентно население во земјата изнесува 1.836.713 лица, а нерезидентното - 260.606 лица. Експертите, пак, посочуваат дека според меѓународните бази на податоци, бројката на иселени од земјата е далеку поголема. Проценките се дека само за десет години од Северна Македонија заминале 175 илјади граѓани. Ова, според нив, ќе повлече низа проблеми. „Населението старее, се губи работоспособното население, ќе имаме недостиг на работна сила, ќе се намалува бројот на деца во училиштата, што ќе доведе до тоа некои од нив да се затвараат“, предупредуваат тие. 

Зошто заминуваат младите

Според последното истражување на Фондацијата за демократија Вестминстер, две третини од младите сакаат да се иселат од државата. „Ваквите ставови се засновани на неквалитетното образование кои младите го добиваат во државата, големата стапка на невработеност кај младите и ниските примања кои младите ги имаат.“, вели извршната директорка на Младинскиот образовен форум (МОФ), Теодора Столевска. Според неа, прашањата кои се однесуваат на младите, иако значајни, не се единствени причини пораки кои младите се иселуваат. Високата стапка на корупција доведе до ситуација каде повеќе од 83 отсто од младите не им веруваат на институциите.

Покрај нискиот квалитет на образование и ниските примања, квалитетот на здравството, животната средина и социо-политичките услови се дополнителни причини поради кои младите си заминуваат од државата. Младинските организации  укажуваат дека е потребна итна акција од страна на законодавната и извршната власт, политики кои ги решаваат овие проблеми на младите, но и политики кои доследно ќе се спроведуваат.