Германија како Кајманските острови
10 ноември 2013Германците сакаат да се најдобри. Во фудбал, да речеме. Имаат најдобри автомобили. Најголем саем на книгата во светот. Најмногу патуваат. Но, не се далеку од врвот ни кога се во прашање даночните оази. Имено, Мрежата на даночна правда (Tax Justice Network – TJН) претстави ранг-листа според која Германија е на осмото место како омилено прибежиште за даночните затајувачи. Поомилено од Панама или пак од британското островче Џерси. ТЈН минатата година откри дека ширум светот се затајуваат 280 милијарди евра данок годишно. На актуелната листа земјите се распоредени според тоа колку во нив е лесно да се прикрие потеклото на парите. Оваа категорија е вкрстена со значењето на земјата во меѓународниот финансиски сообраќај, па е јасно зошто меѓу десетте, освен Германија, се и САД и Јапонија. Првак во светот во оваа категорија и натаму е Швајцарија.
Сопственикот непознат
Еден од авторите на анализата, Маркус Мајнцер, објаснува дека во Германија е лесно да се прикрие профитот. На пример, претприемачите не мораат секогаш да ги објавуваат своите годишни пресметки. Постојат клаузули кои им овозможуваат да се прикријат приходите. „Тешко можеме да знаеме што тие фирми во Германија воопшто работат, колкав им е прометот, што плаќаат од данокот. Во други земји не е така, таму даночната служба секако сака да ја види секоја годишна пресметка“, вели Мајнцер.
И не само тоа- освен што не се знае колку се парите, во Германија не мора да се знае ни чии се парите. „Претприемачите не мораат да објават кој е всушност нивниот сопственик, значи на кое лице од крв и месо всушност му припаѓа фирмата“, набројува стручњакот од ТЈН. Анонимноста најмногу ѝ одговара на мафијата, корумпираните политичари или на странските диктатори кои, така се верува, годишно во Германија перат меѓу 29 и 57 милијарди евра.
Звучи неверојатно- уредената, бирократска, педантна Германија е всушност даночна оаза за гангстерите и мафијашите? „Не можеме да зборуваме за даночна оаза“, вели за ДВ Томас Ајгенталер од даночниот синдикат. „Да речеме дека имаме некои дупки во системот кои често се користат.“ Тој наведува дека политичарите вештачки го намалуваат бројот на работници во покраинските даночни гранки, и оти би требало да има контролори барем 20 проценти повеќе. Можеби повеќе контролори би го спречиле претседателот на фудбалскиот клуб Бајерн Ули Хенес да затаи милиони од данокот. Или германските комерцијални банки, кои наводно од државата затаиле десетина милијарди евра данок на капитална добивка.
Фестивал на лицемерие
Долго германските политичари ѝ забележуваа на соседна Швајцарија во која Германците најмногу го кријат данокот од државата. Така поранешниот министер за финансии Пер Штајнбрик- инаку поразениот социјалдемократски кандидат за канцелар- ги предупредуваше Швајцарците дека би можела да им стигне „коњаница“ доколку не се согласат да го откријат идентитетот на германските клиенти кои затајуваат данок во тамошните банки.
Маркус Мајнцер ваквите изјави на германските политичари ги нарекува „фестивал на лицемерие“, бидејќи, на крајот, законите оставаат место за измами. Или, како што вели Томас Ајгенталер, не мора да се оди надвор од Европа за да се најдат потполно различни даночни закони. Разликите во стапките на данокот едноставно ги привлекуваат големите профитери данокот да го пријавуваат онаму каде што е стапката најниска. „Меѓународните фирми имаат опции колку што сакаат“, заклучува Ајгернталер.