Дали постои концепт за справување со финансиска криза
31 октомври 2008Владата планира да прераспредели околу 80 милиони евра во здравството, во финансиска поддршка на МРТ, за увоз на струја преку МЕПСО, за доизградба на Градскиот стадион во Скопје. За да се обезбедат овие средства, ќе биде извршена релокација од одделни министерства кон посочените буџетски инвестиции. Средствата се земени од Министерството за одбрана и од евросекторот. Ова беше повод за напад на опозицијата, која смета дека со ова се напуштаат евро – атлантските приоритети. Можеа да се намалат фондовите од 70 милиони евра за пропаганда и медиумска промоција на премиерот Никола Груевски и неговите министри. Владата покажува дека нема стратегија за развој на државата, особено во мигови на финансиска криза во светот, беше потенцирано на синоќешната (30.10.2008) дебата за буџетските прераспределби на средства.
Дали државата подготвува стратегија за криза
Радмила Шеќеринска од СДСМ ја иницира дискусијата дали Македонија има концепт да се справи не само со финансиската, туку и со се‘ поочигледната енергетска криза. Не се гради гасоводот, не се инвестира во енергетски проекти, некому во структурите на власта му одговара огромни милиони евра да се одлеваат од државата во приватни џебови, оцени таа.
Опозицијата шири психолошки страв кај граѓаните, контрираше Павле Трајанов од владеачката коалиција.
За финансиската стабилност на банкарскиот систем и сигурноста на девизните и штедни влогови на граѓаните денеска ќе разговараат гувернерот на НБМ и првите луѓе на банките во Стопанската комора. НБМ тврдеше дека банкарскиот систем во Макеоднија е стабилен, иако има знаци на вознемирување кај клиентите.