Дали има незавршена работа?
16 декември 2008Во изминативе години Авганистан значително се промени, изјави Џорџ Буш за време на неговата посета. Се отвораат се` повеќе лекарски ординации, бројот на студенти на универзитетите рапидно се зголемува, девојчињата повторно можат да посетуваат настава. Сепак, пред земјата стојат уште тешки денови, истакна Буш на прес-конференцијата во Кабул. „Дали има уште незавршена работа? Се разбира, Талибанците ги возвраќаат ударите. Повторно сакаат да ја земат моќта, ги ужаснува помислата за слободно општество. Не се предаваат лесно, тука нема двоумење“, потенцира Буш.
И владата на Обама ќе помага
Повеќе од седум години по протерувањето на исламските милитанти од Авганистан, 65.000 странски војници се стационирани во земјата. Меѓународната група за заштита ИСАФ ги заштитува и поддржува припадниците на операцијата „Ендјуринг фридом“, што всушност ја води борбата против тероризмот. Покрај тоа, безбедносната ситуација значително се влоши во изминативе години. Веќе не владее стабилност, потребна за целосна обнова и изградба на земјата. Авганистан може да биде сигурен дека и наредната американска влада ќе му ја даде потребната поддршка, вети Буш. „Во наш интерес е демократијата во Авганистан да цути. Во наш интерес е оние што сакаат да ги убијат нашита граѓани, да немаат каде да најдат прибежиште“, изјави тој.
Авганистан ќе продожи да соработува
Наследникот на Буш, новоизбраниот претседател Обама, сака да го зголеми бројот на војници во Авганистан за 20.000. До летото, наредната година, во земјата треба да се стационираат уште три американски бригади. Авганистанскиот претседател Карзаи му се заблагодари на Буш за поддршката што ја добиваат од САД: „Авганистан и понатаму ќе работи заедно со меѓународната заедница, со цел да се победи тероризмот и екстремизмот“, потенцира Карзаи.
Сепак, треба да помине уште некое време до остварување на овие цели. Офицерите на меѓународната група за заштита ИСАФ велат дека операцијата за стабилизација и поткрепа на авганистанската влада одамна прераснала во операција што се бори против бунтовниците, особено во југот и истокот на Авганистан.
За време на престојот во Авганистан, Буш го доби и највисокото државно одликување од страна на авганистанската влада, за неговите заслуги за земјата.